На големите дерби дуели ширум светот, во сите спортови, ретко кога решава само квалитетот… Барселона – Реал Мадрид, Баерн – Борусија, Партизан – Црвена Ѕвезда, Панатенаинкос – Олимијакос, Динамо – Хајдук, и многу вакви слични дуели… колку да и едната екипа била играчки послаба во даден момент, тоа речиси никогаш не било пресудно за крајниот резултат. Така е и со веројатно најголемото ракометно дерби на балканот, Металург – Вардар. Секогаш решавала моменталната инспирација, тактичката подготвеност, желбата за победа.
Така беше и минатата година, кога Металург ја освои титулата во домашниот шпампионат, и предминатата кога пак Вардар триумфираше, иако и во двата случаја противникот беше фаворит за титулата.
Па сепак, не може да се избега од фактот дека на денешниот дуел од СЕХА лигата, Вардар е апсолутен фаворит во дуелот со големиот градски ривал. Вардар игра навистина допадлив и квалитетен ракомет од самиот почеток на сезоната. Игра брзо, разновидно во нападот и тоа се гледа и со моменталниот пласман во ЛШ – второ место во една од најсилните групи во овогодинешното натпреварување. И иако неколку играчи се сега повредени (Лацковиќ надвор до крај на сезоната, Карачиќ се повреди на последниот меч и е неизвесен, Брумен и Стоилов влечат ситни повреди, но играат), Вардар има доволно играчи за да може да го надополни отсуството на неколкумина првотимци.
На друга страна Металург е во целосно спротивна ситуација. Прв пат после 3 години, екипата нема да настапува во нокаут фазата на ЛШ и тоа секако ќе влијае врз играчите. За останатите проблеми воопшто и не треба да потсеќаме (неисплата на плати, заминување на сите странски засилувања, немањето ротација). Сето тоа го става актуелниот македонски првак во подредена ситуација во пресрет на денешниот дуел. Но не треба предвреме да се отпишува Металург. На денешниот меч сосем извесно голема минутажа ќе добие подмладокот на екипата, предводен од Филип Талески и Мартин Манасков и тој учинок не смее да се потцени. Младите играчи на овие мечеви можат да излезат само како победници, и во таква ситуација играат целосно растеретено.
И за крај ги оставаме навивачите на двата клуба. Целата македонска спортска јавност се надева дека денес ќе видиме европски меч во Скопје. Дека нема да има немили сцени меѓу навивачите, дека симпатизерите на двете екипи ќе можат слободно да седат еден до друг и да ја поддржат својата екипа без страв од инциденти. Ракометна Македонија тоа го заслужува. А, доколку има инциденти од поединци, тие овој пат мора драстично да се казнат, а не како во минатото.
Натпреварот се игра во СЦ Борис Трајковски, со почеток во 20:15.