Пет победи, еден пораз и сосем заслужено прво место во групата Б во Лигата на шампиони. Феноменален старт на Вардар им даде реална поткрепа на високо поставените цели за оваа сезона – пласман меѓу најдобрите 4 екипи во европа. И веќе нема место за сомневање – Вардар има се што е потребно за пласман на овогодинешниот Фајнал 4 турнир во Келн.
Ако се погледнат игрите на Вардар во досегашните мечеви, ќе може да се забележи еден нов квалитет во играта на Вардар – да победува и кога не игра совршено. Карактеристика која е типична само за големите екипи. На тренерот на Вардар му е јасно, дека во оваа фаза од ЛШ не е потребно, ниту пак можно, Вардар да игра во полна форма на секој меч. Затоа и сосем дозирано ја води екипата во мечевите со објективно послабите противници. Со игра „онолку колку е потребно“, Вардар ги совлада Монпеље, Пик Сегед и Кристијанштад во првите 3 кола. Она што ги обележа овие триумфи на Вардар се и индивидуалните квалитети на играчите во ростерот, па на секој натревар блискаше по еден играч. Македоа со 6 гола од 6 обиди на дуелот со Монпеље , Карачиќ со 5 гола на мечот со Пик Сегед, Тоскиќ на мечот со Кристијанштад со феноменални 7 погодоци). Единствен кикс во мечевите со условно кажано послабите противници беше дуелот со Колдинг. Вардар настапи без Штербик, а Милиќ и Ангелов нема свој ден, и тоа е главната причина за поразот од данскиот шампион.
И, ако Вардар игра колку да победи со противниците кои се послаби од него, вистинската сила и амбиции ги покажа против силните противници во групата – Рајн-Некар Левен и Киелце. Вардар на двата мечеви одигра феноменално. Одигра шампионски. Во одбраната, како од учебниците – подвижно, борбено и пожртвувано. И кога противниците ќе успееја да ја надмудрат, на голот ги чекаше феноменалниот Штербик кој ги откажуваше противниците. Тоа резултираше што во овие два меча Вардар прими во просек 21,5 голови по натпревар, во споредба со останатите 4 натпревари кога прими по 26,5 голови по натпревар. И како што делуваше Вардар цврсто во одбраната, така делуваше разгопадно и убиствено во нападот. Тимот победува, но и на двата натпревари блесоците на два играчи останаа запамтени. Душебаев на мечот со Германците и Горбок на дуелот со Киелце имаа свој ден и беа клучни за победите, покажувајќи ја важноста од широк ростер.
Вардар е на феноменална позиција во групата. Следи тринеделна пауза во која Раул може да се посвети на наредните два дуели кои сосем извесно ќе го решат победникот на групата. Двомеч со Барселона, која во моментов има само 1 бод помалку од Вардар, и која е најголемиот конкурент на Вардар за првото место во групата.
Со досегашните игри, Вардар покажа дека нема потреба да се плаши од никого.
Напротив, сега Барса нека му ја мисли …