За прв пат на натпреварите во Лигата на Шампионите, Вардар во (по)голем дел од мечевите ќе влегува како фаворит. Не само на домашен, туку и на гостински терен.

Така ќе биде и во првото коло од овогодинешната ЛШ, каде Вардар ќе ја има за противник екипата на Монпеље.

Секој почеток е тежок. Се сеќаваме дека така беше и минатата сезона, кога во првото коло од ЛШ, Вардар во тежок и неизвесен меч го совлада тимот на Цеље,во Словенија со резултат со 26-27.

И годинава, во првото коло Вардар за противник ќе има, условно кажано, „словенечка“ екипа. Имено, францускиот клуб има дури 5 Словенци во своите редови, предводени од гол машината Драган Гајиќ и искусниот Кавтичник. Тие заедно со француската легенда Гигу, претставуваат сериозна екипа, особено кога мечевите ќе ги игра на домашен терен. Во тимот на Монпеље немаше големи промени, со исклучок на голманските позиции, па воиграниста на екипата е уште еден плус за французите. Вреди да се напомене дека голем пех за Французите е отсуството на Гребил за кого сезонава се чини дека е завршена, заради тешка повреда во подготвителниот период.

Французите и минатата година беа противници на Вардар во групната фаза и се покажаа како цврст противник. Сепак Вардар излезе непоразен од тие дуели (34-34 во Франција, и триумф 30-26 во Скопје), па нема зошто да не биде така и годинава.

Објективно гледано, сезонава, Вардар е уште поголем фаворит во дуелите со Монпеље. Нема да биде лесно, бидејќи ова сепак е најквалитетното европско натпреварување, но македонскиот шампион има подеднакво квалитетни 16 играчи кои треба да победуваат на секој натпревар.

Натпреварот се игра во недела, во Монпеље, со почеток во 17:00 часот, со директен пренос на МРТ 1.