Од 1996-та, паралелно со почетокот на успесите на женската ракометна репрезентација и Кометал Ѓорче Петров, станав ракометен фан. И повеќе од тоа. Натпреварите на овие две екипи во Кале беа вистински празник за мене. И не ми пречеше тоа што требаше да се оди на натпревар 3 часа пред почетокот на мечот, да се седи во сала во која нема тоалет, не можеш да се напиеш вода, ништо. Уживањето во настапите на ракометарките и прекрасната атмосфера, која според мое лично убедување нема да се повтори никогаш, беа се што ни беше потребно. И тврдам дека и покрај несомнениот квалитет што ги имаа ракометарките, да не беше атмосферата во салата, Кометал ЃП немаше да стане европски првак, ниту пак ќе играше 3 финалиња.

Со згаснувањето на Кометал ЃП, почна падот на квалитетот на женскиот ракомет и растот на машкиот, па сега одевме на мечевите на Металург и Вардар. Сепак женскиот ракомет остана прва љубов.
И затоа создавањето на ЖРК Вардар минатата сезона ме израдува до бесвест. И си купивме сезонски билети од 600 денари во блоковите веднаш позади делегатската маса. И радоста беше уште поголема кога таму, сосем случајно повторно ги видов истите луѓе кои ги запознав на мечевите на Кометал пред повеќе од 10 години. Истовремено, бев разочаран од слабата посета на натпреварите, но добро, тие што го сакаат и познаваат ракометот, пред се женскиот ракомет, доаѓаа на натпреварите. И како одминуваше сезоната поддршката од трибините растеше. Ракометарките стигнаа то 3-то место и во новата сезона најавија пласман во големото финале.

И сега доаѓаме до главната причина на текстов. Салата на мечот со Турингер беше празна. И за тоа не е виновен никој друг освен Управата на ЖРК Вардар (или кој и да е одговорен за картите) која од самиот почеток прави грешки. Првите две грешки се однесуваа на сезонските билети.

1. Високата цена, која беше иста ЖРК и РК Вардар и покрај минатогодишното искуство со посетата на утакмиците на женскиот клуб
2. Убавите седишта не беа пуштени за продажба и вистинските фанови на клубот, оние кои минатата сезона не пропуштија натпревар, сега не можеа да купат карти по желба.

И нормално, продажбата на сезонски билети доживеа фијаско. Но тоа како да не им беше доволно на луѓето во клубот кои се занимаваат со продажба на карти, па билетите по натпревар продолжија да се продаваат по 350 денари. И на секој, ама апсолутно секој во Скопје и државава, му беше јасно дека салата нема да се наполни. Не само што нема да се наполни, туку и ако стигне до 1/3, ќе биде добро.

И тоа се случи. Вчера видовме, 1000-1500 луѓе во салата.

И ќе повторам уште еднаш – за оваа слаба посетеност не се виновни ракометните фанови. Виновна е управата која немаше никаков сенс при дефинирањето на цената. Како шлаг на лошите потези, организираат прес на кој ги молат Комитите (и тука целосно се разочарав од клубот) да доаѓаат на нивните натпревари. Зошто побогу? Потрошивте цела сезона молејќи ги и не дојдоа. Зошто повторно? Ај што сите знаевме дека нема да дојдат, што и се случи, туку што се понижија себе си и не понижија сите нас, кои го сакаме и го поддржуваме клубот.

Но, не е се изгубено. Управата треба да ја признае својата грешка, и веќе од наредниот меч да направи промена на цените на билетите. Две едноставни мерки, и салата ќе биде сигурно исполнета барем 70% од својот капацитет. А тоа се:

1. Еден билет од 350 денари да важи за двајца
2. Сезонските билети на тие што ги купија да им важат и за во наредната фаза на натпреварувања.

Само така, колку толку може да ја спасите сезоната. И треба да се реагира веднаш, бидејќи револтот кај ракометните фанови е голем.

Затоа, апелирам до управата на ЖРК Вардар. Бидете големи, извинете се за грешката и преземете ги потребните чекори за да ја вратите публиката на трибините. Ракометарките ја заслужуваат нашата поддршка. Видовме и дека им е потребна нашата поддршка. Управата нека го направи своето, за да можеме ние, навивачите и ракометарките, да го направиме нашето.
#СоСрцеЗаВардар

Автор на текстот е @kapetan_taki