Македонската женска младинска репрезентација веќе следната недела ќе биде во Валенсија, Шпанија како дел од Европското првенство до 19 години. Нашата репрезентација е во Групата Б, заедно со репрезентациите на Германија, Русија и Литванија. Првиот натпревар ќе го одиграат на 23-ти (четврток) против репрезентацијата на Литванија.
Во пресрет на ова ЕП, тимот на МакРакомет разговараше со голманката Драгана Петковска за последните подготовки пред првенството, како и за нејзините очекувања од престојната авантура на нашите ракометарки.
Како ви течат завршните подготовки пред тргнување на ЕП?
Што се однесува за подготовките можам да кажам дека поминува се во најдобар ред. Сите сме здрави што е најбитно, нешто што се надевам дека ќе остана така до почетокот на првенството.
Одигравте два контролни натпревари со репрезентацијата на Србија, каде имавте можност да ja согледате вашата форма и недостатоците во играта. Кое е твоето мислење за вашата форма и за овој тип на подготовки?
Овие пријателски натпревари се одлични за проверка на нашата форма и за препознавање на нашите недостатоци, како и нивно поправање за понатака. На последните два натпревари со репрезентацијата на Србија испробавме некои од новите работи на селекторот, а воедно и воиграноста ја подигнавме на едно ниво повисоко.
На ЕП во Шпанија сме во Групата Б, заедно со репрезентациите на Германија, Русија и Литванија. Какво е твоето мислење за нашите противници, како и очекувањата за ова ЕП?
Во доста интересна група сме, имаме противници кои треба да ги почитуваме. Нема аутсајдери на европските првенства, сите репрезентации се добри и квалитетни. Нашата цел беше да се пласираме, се понатака е голем плус за нас.