МакРакомет разговараше Драгица Митрова, левото крило на македонската репрезентација, која е на добар пат да стане интернационалка. Откако тимот на Металург се реши да им даде одврзани раце на повеќето поискусни ракометарки, кои скоро сите заминаа надвор од Македонија, а истото го очекува и одличната ракометарка од Гевгелија. Драгица ни ги сподели своите почетоци со ракометот, атмосферата во нашата репрезентацијата, како и за нејзиниот приватен живот.
1. Што те инспирираше да почнеш да тренираш ракомет? Кои се твоите почетоци со спортот, дали прва љубов ти беше ракометот?
Мојата прва љубов беше гимнастиката, каде што тренирав околу 4 години. Но, на 10 годишна возраст одлучив да преминам во ракометот … немав некоја посебна инспирација туку едноставно сите мои другарки тренираа ракомет, па си реков и јас да почнам :-)
2. Одат ли заедно љубовта и ракометот?
Дотолку ја имаш вистинската личност покрај себе, што ќе покаже разбирање, трпение и ќе те поддржува, се разбира дека одат.
3. Што беше причината Металург да се откаже од многуте искусни ракометарки, вклучувајќи и тебе?
Економската криза беше пресудна за заминувањето на повеќето искусни ракометарки, каде што клубот остана должен уште неколку плати. Истотака клубот работи со млад преспективен кадар каде што се надевам дека со напорна работа ќе бидат достојна замена во Македонската репрезентација.
4. Што ќе остане од сите овие години поминати во плаво, белиот дрес на Металург?
Јас поминав 7 години во Металург иако сега не сум дел од плаво белите сеуште мислам дека Вардар ми е конкурент :-) хаха . Како викаат, се што е убаво ќе остане во спомените , а тоа што не е, ќе биде како добра лекција.
5. Моментално си без клуб, дали си во преговори со некој клуб?
Да, во преговори со клуб од странство, но сепак сеуште не сакам да откривам детали пред да биде се завршено. Кога ќе биде се завршенo, први ќе дознаете :-)
6. Во кој клуб би сакала да заиграш?
Немам некој клуб посебно да издвојам, но би сакала во некој од скандинавските држави каде што се игра брз и динамичен ракомет.
7. Имаш ли некаков ритуал пред натпреварите?
Па немам некој ритуал пред натпревар, едноставно кога излегувам на терен се прекрстувам и се молам на Господ да ме чува од повреди…
8. На репрезентативен план во квалификациите за ЕП годинава, не поминавме најдобро, кое е твоето мислење на младата репрезентација?
Сенорската репрезентација е многу изменета од аспект на млади кадри, каде што, успесите допрва треба да дојдат. Дел од младите дебитираа на квалификациите за европско првенство, а дел немаат толкаво искуство да можат да го понесат товарот што го носат таквите натпревари. Меѓутоа тие се одлична генерација каде за некоја година ќе даваат одлични резултати.
9. Каква атмосфера владее меѓу девојките во репрезентацијата? Дали си задоволна од истата?
Во репрезентацијата атмосферата е одлична, кога се игра за Македонија, тогаш сите сме едно, се подржуваме се бодриме и помагаме. Не се гледа конкуренција, едноставно се заборава се и се игра од срце.

10. Ни престои првата фаза од квалификациите за СП 2015, во група сме со Италија и Исланд. Како течат подготовките и што може да ни кажеш за нашите противници?
Првиот натпревар го играме против Италија , се спремаме, работиме максимално ангажирано и ќе дадеме се од себе да ја поминеме оваа предквалификациона група. Немам некои сознанија за двете репрезентации, меѓутоа штом можевме да им се спротивставиме на Русија и Германија, тогаш сигурно нема да подклекнеме пред Италија и Исланд.
11.Што може да изнервира најмногу за време на натпревар?
За време на натпревар може да ме изнервираат повеќе работи, како недоволно ангажирање, себична игра, глупо изгубена топка итн. :-)
12. Што мислиш за македонската публика?
Ние имаме прекрасна публика (фаланга) која секогаш не поддржува и бодри кога ни е најпотребно. Таа е нашиот 8-ми играч кој ни дава мотив плус да го оставиме срцето на терен.
13. Ако дојдеме сега кај тебе дома и го отвориме фрижидерот, што ќе најдеме во него?
Кога станува збор за исхраната повеќе предпочитувам купено-зготвено, така да во фрижидер може да се најдат некои млечни производи овошје и зеленчук.
14. Што правиш во слободно време? Како ти поминува еден ден?
Моментално слободното време го поминувам заедно со моето семејство и пријателите, како и за спортски активности, трчање и теретана. Ранобудец сум :-) станувам околу 7 часот наутро, и веќе во 8 часот одам на трчање, отприлика саат време. За после тоа, да доручкувам и играм со моите слатки внучиња, тие најдобро ме расонуваат :-) Потоа следува кафе со пријателите, за на крајот од денот отидам во теретана, за потоа да си одморам убаво во домашна атмосфера и спремам за наредниот ден.
15. Кое е твоето мото?
Без разлика на трудот што го имам вложено работите не излегуваат како што е замислено ШТО Е МОЕ ЌЕ СИ ДОЈДЕ е мотото кое мене ме придвижува во животот.
16. Што би сакала да работиш ако не би била ракометарка?
Доколку не играм повеќе ракомет би сакала да работам нешто што ќе биде поврзано со спортот или некоја хуманитарна организација.
17. Каде се гледаш за 5 години?
Каде се гледам за 5 години? па 5 години се долг период и може сешто да се случи, сепак се гледам на спортските терени не се откажувам лесно…
18. Што им порачуваш на младите ракометарки?
На младите им препораувам да не се откажуваат во животот на првата препрека, туку напротив да бидат упорни и издржливи, доколку сакаат да бидат врвни спортисти и се разбира ШТО Е НИВНО ЌЕ СИ ДОЈДЕ….
МакРакомет и се заблагодарува на Драгица Митрова, и воедно и пожелува многу успеси како на клупски, така и на репрезентативен план.