Во второто коло од ВИП машката Супер лига се сретнаа екипите на РК Пелистер и РК Пролет. Во еден тежок натпревар, домаќинот – екипата на РК Пелистер успеа убедливо да триумфира и да ги забележи првите бодови во оваа нова натпреварувачка сезона. Во првите минути од натпреварот беше неизвесно, се играше гол за гол, но екипата на РК Пелистер со цврста игра во одбраната и со организиран напад успеа да дојде до водство, а резултатот на полувреме беше 14:8. Второто полувреме помина во целосна доминација на РК Пелистер, при што во секој момент се зголемуваше водството на оваа екипа, за краен резултат 30:21.
На овој натпревар, екипата на РК Тинекс Пролет настапи без голманот Кимевски, а најефикасни од оваа екипа беа Мајнов, Андоновски и Јовановски кои постигнаа по 5 погодоци. Кај домаќинот најефикасен беше пивотот Петар Топиќ со 6, како и Стефан Дрогришки со 5 погодоци.
Тимот на МакРакомет, по натпреварот имаше можност да поразговара со десното крило Крстевски од екипата на РК Тинекс Пролет и со капитенот на екипата на Пелистер, Стефан Дрогришки.
Илија Крстевски, РК Тинекс Пролет:
„Натпреварот го почнавме добро, се играше гол за гол, но се до средината на првото полувреме. Потоа ни падна концентрацијата, промашивме неколку зицери и два пенали, во момент кога бевме со играч повеќе на теренот. Пробавме да се вратиме во мечот, но едноставно немавме среќа при шутевите. Тимот на Пелистер беше помотивиран тим и ја заслужи победата.“
Стефан Дрогришки, РК Пелистер:
„Натпреварот беше од големо значење за нас. Стартот на оваа сезона не беше баш најдобар и токму затоа во овој натпревар влеговме максимално мотивирани и концентрирани, пред се во одбраната. Можам да кажам дека одигравме еден добар натпревар, кој ни ја врати самодовербата за понатамошниот дел од сезоната. Освоивме многу важни бодови и се надеваме дека ќе биде исто така и на наредниот натпревар.“
Фото: www.setaliste.com.mk