Од натпревар во натпревар голманот на Металург, Даниел Дупљачанец е се подобар. Со секој нов натпревар тој покажува зошто управата на Металург не погреши кога му даде шанса да биде прв голман и еден од предводниците на „новиот“ Металург. Во изјава за сајтот на Металург, Дупљачанец даде свое видување за досегашните натпревари и за неговите очекувања околу можностите на Металург сезонава.
„Металург има одлична одбрана, впрочем тоа и го краси нашиот клуб, цврстата одбрана и тимската игра. Ние сме компактен тим и секој има заслуга за ваквата игра. Нашиот тренер вели дека “тимот е најдобриот индивидуалец“ и јас мислам дека засега добро го спроведуваме тоа. Очекувам нивото на нашата игра да расте од натпревар во натпревар. Ние сме млада и амбициозна екипа, но заедно сме само два месеци. Тоа значи дека секојдневно се запознаваме и навикнуваме еден на друг, но и на системот кој го практикува клубот. Овој систем, по кој работиме, гарантира подобрување на нашата игра и тоа ќе се види во нашите наредни средби.“
И покрај тоа што се работи за екипа која е заедно само 2 месеци, голманот на Металург смета дека екипата има шанси да заврши на едно од првите места во групата и да се пласира меѓу 16-те најдобри екипи на стариот континент. „Веќе реков – ние сме млада екипа, една од најмладите во Лигата на шампионите. Одиме постепено, чекор по чекор. Во овој момент сме фокусирани на средбата со Елверум, не очекува тежок натпревар. Неблагодарно е да се прогнозира, но, ако продолжиме да работиме со сегашното ниво и ако секој и секогаш го дава својот личен максимум, сметам дека можеме да ја минеме групната фаза.“
Натпреварот со Елверум е денес, сабота, со почеток во 17:30, во салата Борис Трајковски.
Фото: Мартин Димовски ( @Lacialec )