На реваншот по седум дена во Унгарија, ЖРК Вардар патува со огромна разлика од 6 гола. По брилијантна игра во текот на целиот натпревар против европскиот шампион Ѓер, крајниот резултат беше 24:18 и тоа највеќе поради француските судии, кои во моментите кога ЖРК Вардар беше во налет, не дозволуваа разликата да се зголеми на 8, 9 или повеќе голови.

Како и да е, видовме едно извонредно издание на нашата екипа, која „го симна на колена“ двократниот европски првак, кој во Скопје покажа само дел од своите можности, не од причина што беа слаби, туку дека нашите играа извонредно.

Тешката борба на теренот од првото, продолжи и во второто полувреме. Во првата половина од вториот дел, нашата најдобра бековска тројка, Пенезиќ-Лекиќ-Лазовиќ водеше тешка битка со противничката одбрана, која со игра еден на еден, успеваше да ја изолира Пенезиќ од нападот. Од спротивната страна, Ана Сен во неколку наврати успеа да се покаже како поуспешна, во директните дуели со Ина Суслина од седум метри. Сепак искусната русинка до крајот на натпреварот со нејзините успешни интервнеции успеа да ги преземе работите во свои раце и многу да придонесе за победата на нашиот тим.

Во нашиот тим најефикасни беа Радичевиќ со 7, Пенезиќ со 5 и Лекиќ со 4 голови, додека на спротивната страна најефикасна беше Сен со 5 погодоци.

ЖРК Вардар за седум дена го очекува тешка задача, бидејќи познавајќи ја атмосферата која ја создаваат навивачите на Ѓер и кои несомнено ќе ја исполнат салата до последно место, извонредниот квалитет на унгарската екипа и влијанието коешто го имаат во ЕХФ, се доволни показатели за тоа. Па сепак предноста од 6 гола и квалитетот на нашата екипа и формата во која се наоѓаат вардарки, дава надеж дека ЖРК Вардар има шанси да го видиме во Final 4.