МакРакомет разговараше со македонската репрезентативка Елена Ѓеоргиевска за престојниот фајнал-фор, за престојните квалификациите што ни следат за ЕП во Унгарија и Хрватска, како и за нејзиниот приватен живот.
1. Што те инспирираше да почнеш да тренираш ракомет?
Потекнувам од спортско семејство, татко ми е поранешен ракометар и тренер. Можам слободно да кажам дека тој е виновникот, што јас денес се занимавам со овој спорт.
2. Како си задоволна од игрите на ЖРК Будуќност оваа сезона?
Ние, како екипа, оваа сезона направивме голем успех што се најдовме во фајналфорот. Нормално дека сум задоволно од нашата игра, бидејќи бевме во многу тешка група, но сепак успеавме да дојдеме до полуфинале.
3. Имате ли некаков ритуал пред натпреварите?
Обично пред натпреварите, во соблекувална се опуштаме со музика, преку која се мотивираме за секој натпревар.
4. Беше европска првенка во 2012 година, годинава повторно ќе играш во фајналфорот со истиот тим. Какви се твоите очекувања, знаејќи дека прв ваш противник е македонскиот шампион ЖРК Вардар?
Се надеваме на победа, и секако на финале. Свесни сме дека ќе биде тешко, Вардар се многу добар тим, меѓутоа тука веќе нема лесен противник.
5. Од наредна сезона ќе те гледаме во романската Баија Маре. Зошто баш Романија? Како се случи да потпишеш за нив?
Се одлучив за Баија Баре затоа што имаат големи амбиции за следната сезона, прават добар тим и мислам дека тоа е екипа, со која можам да се покажам во вистинско светло.
6. На репрезентативен план во квалификациите за ЕП годинава на 26 и 29 март имаме два многу важни дуели против Русија. Како течат подготовките за тие натпревари?
Подготовките се во ред, тренираме се спремаме … Иако е подмладена репрезентацијата, работиме напорно и се надевам дека тоа ќе го покажеме на терен.
7. Со оглед на тоа што во нашата квалификациска група ги имаме силните бар на хартија, Русија и Германија, која репрезентација ќе биде ваш најголем предизвик?
Двата противника се квалитетни, но поголем предизвик гледаме во Русија, тука ќе ја бараме нашата шанса.
8. Каква атмосфера владее меѓу девојките во тимот пред овие квалификации? Верувате ли во пласман за ЕП годинава?
Атмосферата во репрезентацијата е одлична. Работиме напорно, но наоѓаме време и да се дружиме после тренинзите. Нормално се надеваме дека ќе се пласираме на ЕП, и уверена сум дека ќе дадеме се од себе да го направиме тоа.
9. Со кои од ракометарките најмногу комуницираш и дружиш?
Од репрезентација со поголем дел од нив се знам подолго време и исто толку се дружиме. А во Црна Гора со Мајда, Кристина и Желја се трудиме да го искористиме секое слободно време за шетање и дружба.
10. Што може да изнервира најмногу за време на натпревар?
Ретко се нервирам за време на натпревар, а ако веќе тоа се случи, се трудам таа нервоза да ја насочам позитивно во корист на мојата игра.
11. Што мислиш за македонската публика?
Македонската публика, веќе докажано е најдобрата публика на светот. Мило ми е што е така и што кај нас интересот за ракометот е многу голем.
12. Ако дојдеме сега кај тебе дома и го отвориме фрижидерот, што ќе најдеме во него?
Ако го отворите мојот фрижидер, нема да најдете ништо .. :-) Ретко јадам дома, иако понекогаш сакам да зготвам за мене и за моите колешки, и тоа добро го правам :-)
13. Што правиш во слободно време? Како ти поминува еден ден?
Слободното време го поминувам со моето куче, бидејќи често се случува да го запоставам поради обврските. Се разбира заедно со другарките, често знаеме да отидеме и надвор од Подгорица :-)
14. Кое е твоето мото?
„Биди упорен во тоа што го сакаш, еден ден тоа ќе вложи со труд“. Моментално живеам за ракометот, а само со упорност и напорна работа може да се оди напред.
15. Што би сакала да работиш ако не би била ракометарка?
Се уште не можам да се замислам во некоја друга професија, а дотолку не би била ракометарка, сигурно ќе биде некоја професија поврзана со спорт :-)
16. Што им порачуваш на младите ракометарки?
На младите им порачувам напорно да работат, бидејќи ракометот бара посветеност, како и секој спорт нели!? Да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат!