Челниците на ЕХФ денеска и официјално го потврдија новиот систем на натпреварување што ќе важи за Лигата на шампионите веќе од следната сезона. Како што веќе беше обелоденето, сегашниот формат од четири групи со по шест екипи ќе биде целосно променет, па во следната сезона клубовите ќе бидат категоризирани на сосема поинаков начин, пред се базирајќи се на нивниот квалитет и резултатите од претходните години.
Имено, бројот на клубови од 24 ќе порасне на 28, при што во „главните“ групи А и Б ќе се најдат најдобрите 16 тимови во Европа, од кои двете најдобри екипи од секоја од овие две групи ќе се пласира директно во четвртфиналето. Екипите што ќе се најдат од второто до шестото место во овие групи ќе се пласираат во следната рунда, каде ќе им се приклучат победниците од баражите од групите Ц и Д, кои квалитативно ќе бидат далеку послаби од првите две.
Македонија со своето рангирање си обезбедува едно автоматско место во Лигата на шампиони, и тоа во една од главните две групи, додека за второ место ќе треба да се испрати посебно барање за вајлд-карта, доколку се најде уште еден клуб што ќе има интерес да биде дел од тоа натпреварување, но најверојатно во групите Ц и Д.
ЕХФ најави доделување на осум вајлд-карти, од кои дел добијат директно учество за ЛШ, а дел ќе играат во квалификациите.
Извор: www.ekipa.mk