Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, во пресрет на турнирот во Франција и престојното СП во Катар е оптимист, кој верува дека оваа генерација на ракометари поседуваат квалитет и големо искуство, со што би можеле да го израдуваат македонскиот народ и пласираат на ОИ во Рио.
„Јас сум оптимист, се надевам дека ќе успееме на ова СП да го оствариме најголемиот успех досега на ракометните мундијали и да стигнеме најмалку до четвртфиналето. Искрено се надеваме дека здравствениот билтен ќе остане позитивен како и досега, па со малку среќа, сепак се работи за еден долг турнир, можеме да ја оствариме целта. Јас сум цврсто убеден дека ќе се пласираме во осминафиналето, па со малку спортска среќа имаме шанси да станеме една од осумте најдобри ракометни нации во светот“ – изјави Мукаетов.
„Играчите досега многу пати покажале дека поседуваат голем квалитет, но сега и зрелоста е испливана на површина, доста добро се воиграни, долги години играат заедно. Постојат предуслови за догодина да се најдеме во Рио де Жанеиро, но сепак тоа зависи од бројни фактори. Нам ни останува да бидеме оптимисти и чекор по чекор да стигнеме до билет за Олимписките Игри“ – заврши Мукаетов.