ЖРК Вардар во пресрет на новиот натпревар во Лигата на шампионите, денес одржа прес конференција на која ги изнесе своите видувања и очекувања за саботниот дуел против екипата на Хипо од Австрија. Екипата на ЖРК Вардар веќе си обезбеди место во наредната фаза од Лигата на шампионите, а овој меч против екипата на Хипо ќе биде заверка на истото. Натпреварот е закажан за сабота со почеток во 17:30 минути, а ќе се одигра во СЦ ,,Јане Сандански“.
Гордана Нацева, претседател на ЖРК Вардар:
„Точно дека имаме спомени со Хипо од времето на Кометал Ѓорче Петров, но пред овој меч нема срцебиења, нема толку емоции, очекуваме сигурни два бода, да ја заокржуиме првата фаза со победа, со една добра атмосфера. Потоа добро ќе ни дојде една пауза за да анализираме како сме одиграле. Задоволни сме што ќе пренесеме четири бода во следната фаза, можевме и повеќе, но тоа допрва ќе биде предмет на анализа. Останува да ги консолидираме впечатоците и да се подготвиме што е можно подобро за натпреварите од следната фаза.“
Индира Кастратовиќ, тренер на ЖРК Вардар:
„Ни еден натпревар не може да биде релаксиран. Ваквите натпревари дури знаат да бидат многу потешки отколку против некој посилен ривал, затоа што ракометарките може да се опуштат. Ние цела недела се трудиме и на тренинзите да има некоја тензија, како да играме со силна екипа. Натпреварот в сабота ќе биде добара шанса за сите оние кои немаа толку шанса да играат, ќе добијат поголема минутажа и се надевам дека тоа ќе го сторат на највисоко ниво.“
Сираба Дембеле, лево криво – ЖРК Вардар:
„Mора да одиграме добар натпревар, да одиграме за победа, сигурна сум дека ќе прикажеме добар ракомет. По овој меч ќе одиме со нашите национални тимови, па сакаме со победа и со позитивна атмосфера да го завршиме овој дел од сезоната.“
Фото: www.zrkvardar.mk