Со мечот против екипата Турингер, екипата на ЖРК Вардар денес (сабота), ќе го има своето овогодинешно деби пред македонската публика. По поразот од екипата на Будуќност, македонските шампионки, се пред нов, исклучително значаен меч, за пласман во следната рунда на натпреварувања.
А противник е добро познатата екипа на Турингер. Германските шампионки, триумфално ја отворија оваа сезона со извонредна победа над Подравка на домашен терен од 33-20. Најпрецизни кај Германките беа десното крило Енгел и левиот бек Надгорнаја со по 9 гола, а забележителен настап имаа и Хубер и Снајдер со по 5 гола. Значително за овој дуел е тоа што Германките високата победа ја обезбедија во второто полувреме (на полувреме резултатот беше 14-11), што покажува дека играчите на Турингер се исклучително добро физички подготвени.Сето ова покажува дека Турингер е навистина сериозен противник и Вардар ќе мора да одигра на највисоко ниво, за да ја однесе победета во овој дуел.
А Вардар има многу што да поправи во однос на првиот меч со Будуќност. „Се фокусиравме на нашата одбрана како клучен елемент за да стасаме до првата победа“ – истакна тренерот на Вардар, Индира Kастратовиќ. И иако е сосем јасно дека одбраната е клучот за победата на секој ракометен меч, се чини дека Вардар токму во нападот има предизвик да ја подобри играта. Само 17-те постигнати голови во мечот на Будуќност, тоа и го покажуваат. И тиа малку постигнати голови беа резултат на вонсериските индивидуални квалитети на играчите, пред се Лекиќ и Пенезиќ, па Вардар мора да покаже поконцентрирана, покомпактна и пред се тимска игра, ако сака да ја совлада екипата на Турингер.
Квалитетот е несомнено тука, и сигурни сме дека изминативе денови екипата ги искористила за што е можно подобро да се подготви за дечешниот дуел. Мечот е со почеток од 19:00, во СЦ „Јане Сандански“.