Екипата на ЖРК Металург на домашен терен утре ја пречекува екипата на ЖРК Вардар 2. Натпреварот ќе се одигра во спортската сала во Автокоманда со почеток во 14:00 часот, а за сите заинтересирани влезот на овој натпревар е слободен.
Во рамките на пролетниот дел од нашето првенство ова е втор натпревар помеѓу овие две екипи. На првиот натпревар, ЖРК Вардар 2 беше подобар од ЖРК Металург совладувајќи го со само еден гол разлика, со што почна трката за второто место на конечната табела.
Тимот на МакРакомет разговараше со дел од играчите на двете екипи, со Сања Дабевска и Симона Стојкоска од екипата на ЖРК Металург и со младата голманка на ЖРК Вардар 2 Нина Ладева.
Сања Дабевска: „Сметам дека ова ќе биде пред сè еден тежок и неизвесен натпревар кој ќе биде исполнет со добра игра и со голема борбеност од страна на двете екипи. Играњето на домашен терен не секогаш значи некоја голема предност. Она што можам да кажам е дека ние сме максимално подготвени да покажеме добра игра, па нека победи подобриот“
Симона Стојкоска: „Очекуваме дека ова ќе биде цврст и неизвесен натпревар. Сметам дека како домаќини на овој натпревар имаме мала предност, но секако не треба да го потцениме противникот. Максимално сме подготвени и мотивирани и ќе дадеме сè од себе на крајот да се радуваме и заслужено да го освоиме второто место на табелата. Поучени од оној минимален пораз во СЦ Јане Сандански, можеме да ветиме дека ќе дадеме сè од себе да не се повтори истото.“
Нина Ладева: „На утрешниот натпревар против екипата на Металург, ќе влеземе со голема самодоверба, но и со голем почит кон домаќинот. Сметам дека ќе биде еден крајно неизвесен и тежок натпревар во кој пред сè тимскиот дух, цврстата и агресивна игра, добрата реализација, како и големото залагање ќе бидат доволни за уште една нова победа.“