Македонскиот претставник ЖРК Металург по шест порази по ред ја забележа првата победа во женската ракометна Регионална лига откако во Љубљана со 18-17 славеше над хрватскиот ракометен гигант Подравка.

Македонските ракометарки имаа негатива од три гола по првото полувреме (8-11), но одиграа одлично во второто полувреме и направија комплетен пресврт со кој го изненадија хрватски шампион Подравка, кој е учесник во групната фаза во ЛШ.

Најдобри ракометарки во редовите на Металург беа Ливриниќ и Белеска со пет постигнати гола, а голманките Антиќ и Серафимова заедно собраа 12 интервенции, додека кај Подравка, Шенвалд постигна шест гола.

Следниот натпревар во регионалната лига ракометарките на Металург го играат утре со почеток во 12 часот, во кој нашите девојки ќе се сретнат со екипата на домаќинот, Крим Меркатор, предводена од поранешната македонска репрезентативка Мирјета Бајрамоска.