Нешто што вистински не радува во женскиот ракомет е екипата на ЖРК Металург!
Екипа која слободно може да ја наречеме извор на македонски ракометарки, кој заедно со другите македонски клубови полека, но сигурно создаваат едно големо и квалитетно езеро, таканаречено македонска репрезентација. Составено од млади ракометарки, кои в година во година стануваат се подобри и подобри. Ако до лани не можеа да му парираат на големиот Вардар, кој е составен од интернационалки со големо искуство, веќе оваа година можевме да погледнеме нешто сосем различно.
Организирани и похрабри во нападот, цврсти и синхронизирани во одбраната. Нешто што недостига во оваа млада екипа е бројот на одиграни интернационални натпревари, кои за жал оваа година беше мал. Со оглед дека регионалната лига згаснува, нашите ракометарки за да дојдат до квалитетни натпревари, единствено беа турнирите. Одиграа неколку турнири во кои ракометарките на Металург одлично им парираа на поголемите и поискусни екипи.
Дотолку овие работи беа подобри, сигурни сме дека напредокот на ЖРК Металург ќе беше побрз. Но, и покрај сето ова, макотрпната работата со овие ракометарки во услови за кои не може многу да коментираме, полека но сигурно доаѓа до израз, со што добиваме квалитетни ракометарки кои во иднина се очекува да ја предводат македонската репрезентација.
Оваа сезона екипата на МакРакомет внимателно ги пратеше сите натпревари на ЖРК Металург, и дојдовме до овој заклучок:
Ќе почнеме од она што една екипа задолжително мора да го има во своите редови, а тоа е лидер. Со што слободно може да кажеме дека лидер на оваа екипа е средниот бек Елена Ливриниќ. 21-годишната ракометарка која е вистински предводник, храбра, дрска, со одлична прегледност и комуникација со останатите ракометарки во нападот. Ракометарка која преставува една алка кои ги поврзува останатите ракометарки…
ЖРК Металург може да се пофали истотака со два одлични пикера, Марија Николиќ и Сања Дабевска. Пикери кои ја делат својата минутажа, едната во нападот другата во одбраната. Николиќ одлично игра во нападот, ефикасна и најбитното од се, одлично се поставува со своите блокови, на што им ја олеснува работата на бековите. Дабевска е шефот во одбраната, секогаш цврста и добро ја организира одбраната, со што им ја олеснува работата на голманите.
Кога веќе сме кај голманите, таму на голот е една од најталентираните ракометарки, Наташа Антиќ. Ракометарка која многу пати оваа сезона го покажа својот квалитет, особено во дуелите со ЖРК Вардар. Ракометарка која се очекува да ја замени добро нас познатата Гордана Нацева.
Нешто без што една екипа не може да биде комплетна, се бековите. На таа позиција ги имаат Андреа Белеска (десен бек), Симона Стојковска (лев бек) и Габриела Величковска (среден бек). Белеска и Стојковска со голем напредок, на моменти имаат падови во играта, но сето тоа е резултат од немањето квалитетни натпревари. Добро се движат во нападот и одбраната, но ја немаат таа храброст да нападнат јако и цврсто. Работи кои летниов период сме сигурни ќе ги поправат и ќе бидат спремни за новата сезона. Величковска одлично се снаоѓа на централната позиција, со добрата прегледност на теренот и брзите влезови остави впечаток на ракометарка за која допрва ќе се зборува.
За крај ги оставиме, крилата. Позиција за која некои луѓе мислат дека е најлесна и вишок во овој спорт, но ние го мислиме спротивното: Дека оваа позиција не е ни најмалку лесна, и дека за оваа позиција треба да си многу вешт и прецизен. А ЖРК Металург ги има едни од најдобрите ракометарки на таа позиција, младите и талентирани Сара Ристовска и Јована Саздовска. Ракометарки кои убедливо се најефикасни во оваа екипа, ракометарки кои ги краси нивната брзина и прецизност. Млади со голема перспектива во блиска иднина.
Покрај сите овие ракометарки, мора да се напомене дека позади нив има уште многу помлади девојки кои се талентирани и со нетрпение ја чекаат својата шанса да ја искористат. Како и одличниот тренер Александар Петровски, кој неуморно работи со сите девојки и успеа да ги доведе на ова ниво, на кое што се моментално.
Ниво кое ветува многу во блиска иднина, и покажува дека ЖРК Металург е клучен фактор за иднината на женскиот македонски ракомет, како клубски така и на репрезентативно ниво.
МакРакомет им пожелува на ЖРК Металург најпрвин добро да се одморат од долгата сезона, па потоа да почнат да се спремат и со нови сили да ја започнат новата сезона.
Фото: zrk.rkmetalurg.mk