Екипата на ЖРК Металург е нашиот втор претставник во Европските натпреварувања, покрај ЖРК Вардар кој игра во најсилната лига на шампионки. ЖРК Металург минатата натпреварувачка сезона во нашето најсилно натпреварување го освои второто место и со тоа обезбеди учество во Европските купови. Прв противник на ЖРК Металург е екипата од Холандија, ЖРК Вестрфрисланд.
Првиот натпревар се игра веќе утре, а екипата на ЖРК Металург има улога на гостин. Тие вчера отпатуваа за Хрон, градот во кој ќе се одигра овој натпревар. Натпреварот е закажан за утре со почеток во 18 часот, а ќе се одигра во спортската сала на Вестрфрисланд, Вогнум.
Околу очекувањата за овој натпревар, тимот на МакРакомет поразговара со ракометарката на ЖРК Металург, Елена Ливриниќ.
„Имавме многу малку материјали за анализа , но сепак мислам дека е доволно за првична анализа на нивната игра, за да знаеме што не очекува и како да им се спротивставиме. Искрено се надевам дека ќе влеземе на терен максимално концентрирани и мотивирани со цел да оствариме позитивен резултат пред реваншот во Скопје.“ – изјави Ливриниќ.
Судии на овој натпревар се Марина Дупли и Олена Каверина од Украина, а делегат е Тјери Боти од Франција.
Во овој дел од ова натпреварување се игра на елиминации. Реваншот е 7 дена подоцна, во Скопје на 24.10.2015 година, а ќе се одигра во спортската сала во Автокоманда.