МакРакомет овојпат ве запознава со нешто поинаку од вообичаеното, со еден од најмладите тренери Филип Анџелковиќ (22), кој ги предводи девојките на ЖРК Чаир. Екипа која игра во првата македонска лига, екипа во која преовладува одлична атмосфера помеѓу младите и надежни ракометарки, еден вид на мултиетничка заедница која треба да служи како пример за сите останати екипи.
Филип Анџелковиќ зборува за неговите почетоци и за атмосферата во тимот, во кој просекот на оваа екипа е 17 години, а веќе се дел од сениорско натпреварување…
1. Можеме слободно да кажеме дека си најмладиот тренер во моментот во сите наши категории и натпреварувања. Ја доби таа чест, но пред се и голема одговорност да предводиш една талентирана генерација на ракометарки. Можеш ли да ни откриеш како дојде до оваа соработка?
– Како? Па тоа беше на еден нивни натпревар. Сосема случајно поразговарав со претседателот на клубот да дојдам да им помогнам на некој тренинг, а потоа се роди меѓусебна, обострана желба за соработка, соработка која трае до ден денес. Точно е дека сум најмладиот тренер и задоволство ми е, но тоа никако не ми го скратува знаењето и желбата за успех на овој план. Едноставно се пронајдов во ова што го работам бидејќи истото го сакам.
2. Какви беа очекувањата на клупско ниво оваа сезона и дали тоа што го имавте однапред зацртано како цел го остваривте?
Имавме план да бидеме во горниот дел од табелата што и го остваривме, јас дојдов и две години работам со девојките, меѓутоа имаме во клубот млада генерација со која се запознававме досега. Сепак мислам дека тој момент го поминавме и дека од оваа генерација ќе доаѓаат најголемите успеси.
3. Веќе си втора година тренер во ракометниот клуб Чаир и можеш ли накратко да ни кажеш какво ти е досегашното искуство со овој клуб, со оглед на тоа дека неколку ракометарки од вашиот состав се на ваша возраст?
Многу добро. Се сложуваме, можеби од мене го добиле она што од претходните тренери не успеале, а тоа е слобода на изразување и взаемен договор за било какви активности. Секако сакам да се заблагодарам на сите девојки па и на помалите и поголемите за нивната почит кон мене без разлика на годините. Така има и успех нели? :-) Инаку да, 2 години сум во РК Чаир и се чувствувам како дома, пријатна атмосфера, мултиетничка заедница која треба да служи како пример за сите. Функционираме, се дружиме, тренираме работиме, победуваме, па и губиме. Од се најважно е искуството кое го стекнуваме, бидејќи просекот на оваа екипа е 17 години, а веќе сме дел од сениорско натпреварување.
4. Дали сте задоволни од условите за работа што ви се пружаат? Ракометниот клуб Чаир е составен од ракометарки од различни националности: македонки, албанки, турчинки, босанки … тоа е доказ како спортот (кој е најдобриот амбасадор) гради мостови на соживот и единство. Каква е атмосферата во клубот?
Како што кажав и предходно децата се најсреќни во спортот. Тие сакаат да се дружат и приватно не само на теренот. Функционираме одлично и најмногу ме радува што тие се сакаат без разлика на нивната припадност вера или нација. Условите да бидам искрен и не се баш најсјајни, бидејќи во општината има премногу спортски екипи што е добро, па тешко се стигнува до некој термин плус, а впрочем и тренингот е најважен за резултатот.
5. Имате многу гостувања надвор од нашата држава. Каде најчесто и со кои клубови играте надвор од нашата држава?
Да, патуваме многу често, најмногу во Косово. Таму бевме во припремниот период, игравме 4 пријателски натпревари од кои на сите забележивме победи. Одигравме и турнир во Џаковица каде го освоивме второто место. Потоа во Печ одигравме одличен турнир, но немавме среќа да победиме една искусна и по возрасна екипа во финалето, па загубивме на пенали и го освоивме второто место. Во септември патуваме на една голема манифестација во Србија – Смедерево на меѓународен турнир во кој ќе учествуваат преку 130 екипи. Тоа ќе ни биде генерална проба пред почетокот на сезоната и мислам дека е добар знак да видиме до каде сме и што треба да поправаме.
6. Кои се очекувањата за наредната сезона, како и твоите лични амбиции за во иднина? Дали доколку ти се укаже можност за тренер на странска екипа дали би прифатил и која би била твојата омилена дестинација?
За следната сезона сеуште ништо не знаеме. Се ќе дознаеме пред почетокот бидејќи поради проблемите со женскиот ракомет не знаеме во која лига ќе настапуваме.
За во странска екипа?!? Па имав веќе понуда да бидам тренер на 2 екипи во Косово, но сепак сум млад и допрва треба да учам многу за ракометот со кој би сакал да живеам цел живот. Доколку јас би бирал омилена дестинација би ми била Унгарија и би сакал да го предводам Ѓер :-)
7. Дали имаш свој ракометен идол?
Се знае број 1 за мене е Лино Червар. Тој ме научи многу во еден разговор кога патував со екипата на Металург на еден натпревар. Од мажите идол ми е ракометарот Карабатиќ кој многумина го нарекуваат монструм! А додека од девојките Хајди Локе која е најдобар пример како треба да изгледа еден женски спортист.
8. Со оглед на тоа дека активно се занимаше со ракомет, беше и ракометен судија, а сега и ракометен тренер која е разликата и можеш ли за читателите на МакРакомет да издвоиш некоја необична, интересна случка?
Уште од дете најмногу сум сакал ракомет, но откако доживеав тешка сообраќајна несреќа не продолжив со ракометот. Да, бев судија кратко време и сум многу задоволен, бидејќи сум поминал се. Многу добро знам како функционираат работите во и вон теренот. Некоја посебна интересна случка не би можел да издвојам. Она што сакам да го истакнам е дека Металург беше мојата младост и од таму научив и освоив се, се што може еден млад спортист да освои.
9. Што ќе им порачате на читателите на МакРакомет?
Да сакаат, да бидат со македонските спортски екипи. Бидејќи амбасадори како децата, па и возрасните во спортот нема, читајте и уживајте во најдобрите и најчитаните вести од мак ракометот!
По разговорот со Анџелковиќ, поразговаравме со една од поискусните ракометарки на РК Чаир, Лела Јашар која ни раскажа за нејзините почетоци, амбициите, како и за атмосферата во клубот.
1. Oд каде љубовта кон ракометот? Кој или што е причината заради која почна да се занимаваш со ракомет? Кој беше главниот виновник за твоите почетоци во ракометот?
Потекнувам од спортско семејство, татко ми беше каратист, брат ми е фудбалер, а мојата тетка ракометарка. За сето тоа допринесе и околината во која живеам, спортската населба Автокоманда.
2. Имаш ли ракометни идоли? Кои се тие ракометари чија игра особено те инспирира и те тера да напредуваш? Особено ме интересира за луѓе кои играат на твојата позиција – десно крило?
Мете Јохансен е мојот идол. Многу ми се допаѓа норвешкиот начин на играње на ракомет. Многу го следам и на тренинзите се трудам тоа да го научам и да го усовршам.
3. На кој начин се подготвуваш за мечевите? Имаш ли некои ритуал?
Секогаш пред натпреварот слушам музика, но сум многу суеверна, но нема да откривам за што се работи! :-)
4. Што те мотивира да напредуваш и да станеш врвен играч?
Мојата однапред поставена цел е она што ме мотивира. Мојата најголема желба е еден ден да заиграм за ракометниот клуб Ларвик. Татко ми е оној кој највеќе ме поддржува, од него ја имам најголемата поддршка и многу често ме советува, а јас нормално секогаш ги прифаќам тие совети.
5. Сподели со читателите на МакРакомет некоја интересна случка …
Како интересна би ја издвоила ситуацијата кога бевме во Косово на еден турнир. Еден наш соиграч не изигнорира бидејќи нашето тропање на нејзината врата за неа беше силен земјотрес. А потоа не можевме да и докажеме дека всушност ние тропавме, а не беше земјотрес. Хаха :-)
6. Кое е твоето мото?
Секогаш следи ги своите соништа без разлика на препреките.