МакРакомет ве запознава со младата голманка Сара Петковска, ракометарка која настапуваше за ЖРК Металург и која моментално настапува во Турција, за клубот Анадолу Универзитет.
Ракометарка која допрва ќе се докажува, голема надеж за Македонскиот ракомет.

1. Кога се појави твојата желба да почнеш да тренираш ракомет?

Следејќи ги натпреварите и успесите на Кометал Ѓорче Петров, каде член на таа екипа беше мојот прв тренер Индира Кастратовиќ. Од таму почнува мојата желба и интерес за ракометот, по што започнав во нејзината школа која беше во близина на мојот дом.

2. Според тебе што е важно за еден спортист?

Пред се спортската дисциплина, да се има своја цел во животот, мотивација да не се откажуваме, а уште помалку разочаруваме. Можеби не секој труд е забележан и ценет, но секогаш треба да сме упорни бидејќи тоа е вистинскиот пат до успехот.

3. Твоја омилена партија во дресот на РК Металург Скопје?

Во дресот на РК Металург играв од 2009-2013, како подмладок на екипата ЖРК Металург. Постигнавме големи успеси, се пласиравме во Супер Лига. Нашите успеси продолжија со победата над РК Куманово, со која обезбедивме учество во плејофот во супер лига. Овој неизвесен натпревар седмерците го решија победникот. Благодарение на девојките чија реализација на пеналите беше 5-5 ,заедно со мојте одбранети 2 седмерци, по тешка и апсолутна независна борба се пласиравме во плеј-офот.

4. Моментално настапуваш во Турција, какви се условите во твојот клуб и дали си задоволна?

Да, моментално играм во Турција, поточно за Анадолу Универзитет, настапуваме во прва лига. Се пласиравме во плејоф и се надеваме за влез во Супер лига. Задоволна сум од условите во клубот сето она што беше наведено во договорот досега е испочитувано, без отстапување.

5. Како го поминуваш слободното време?

Покрај тренинзите со девојките од клубот често одиме во Турски амам, се дружиме, шетаме, има многу интересни места за посетување, големи паркови со справи за вежбање, вештачки езера, замоци и сл. Секоја втора недела играме во гости и посетуваме познати туристички места и знаменитости. Исто така да не ги изоставам турските серии од кои најлесно го учам и совладувам јазикот.

6. Дали некогаш како голман ти се случило да дадеш гол?

Не, досега не сум дала гол и не ми се пружила сигурна шанса.

7. Во светов има голем број на легендарни голманки, која ти е идол?

Како мој идол во женскиот ракомет би ја издвоила Српската репрезентативка Катерина Томашевич, а кога станува зборот за машките голмани тука се Станич и Ландин.

8. Кратко мислење за ситуацијата за женскиот клупски ракомет во Македонија

Сите во Македонија го знаеме ракометот, може да се пофалиме со големи успеси, голема посетеност на натпреварите како и најверната публика, која е нашиот 8-ми играч, затоа и горда сум што сум Македонка. Во моментов во женскиот ракомет постојат само два активни тима, Металург и Вардар. За жал секојдневно бројот на тимови во Македонската лига се намалува, тоа е резултат поради лошите финансиски услови. Потребно е да се создадат повеќе клубови кои ќе бидат финансирани со јаки спонзори. Кога се има финансии се друго е полесно. Во Македонија има многу добри, талентирани играчи со кои може да се работи и да се постигнат успеси. Љубовта кон ракометот и играњето со срце е едно, но не треба да се изостави и финансиската мотивација.

9. Дали во Турција се вложува во младите категории?

Настапувам во прва лига, но натпреварите се интересни и неизвесни. Секој тим има неколку трансфери, тоа се интернационални играчи или играчи кој настапувале во супер лига и поседуваат поголемо искуство. Има луѓе кои го сакаат спортот и пред се, се во можност да вложуваат во него, во изградба на терени, спорски сали организирање на турнири надвор од државата. Има повеќе клубови и квалитетна лига.

10. Каков е твојот впечаток за културата во Турција ?

Турција е интересна земја и доста напредна во секое поле. Можеш да сретнеш секакви луѓе, од оние што носат традиционална облека, се до оние кој носат најмодерни парчиња облека. Имам впечаток дека како Македонска нација не почитуваат и ценат.

11. За крај, што ќе им порачате на читателите на МакРакомет?

Да го поддржуваат македонскиот спорт.