По стартниот, (не)очекуван пораз од Мотор Запорожје во првото коло на Лигата на Шампионите, ракометарите на Металург викендов имаат шанса да ги освојат првите бодови. Противник им е швајцарскиот шампион, екипата на Кадетен Шафхаузен.

Кадетен се чини е екипа по мерка за Металург. И покрај тоа што Металург располага со целосно нов ростер сезонава, Кадетен е екипа која по квалитет може да биде совладана. Во првото коло, и Швајцарците не беа успешни. Тие загубија на домашен терен од Норвешки Елверум, минимално со резултат 30-31. На тој меч најдобри поединци кај Швајцарците беа искусните Линигер со 8 погодоци и Чазар со 7 постигнати голови.

Поразот во првото коло, ќе стави дополнителен притисок врз Кадетен, да мора да триумфира во Скопје, како би останал во игра за пласман на едно од првите две места. Тоа го знае и тренерот Червар:

„Шафхаузен е доста искусна и квалитетна екипа, која осма сезона игра во ЛШ, и е екипа со најголем авторитет во швајцарскиот ракомет. Располагаат со квалитетни поединци, а Мариновиќ и Портнер се одличен голмански тандем. Швајцарскиот репрезентативец Линигер е исклучително опасен по левата крилна позиција, а тука е и корпулентниот пикер Кох, преку кого често завршуваат нивните акции. Сезонава на тимот се приклучи унгарскиот репрезентативец Часар, кој е мозок на екипата и од него ќе ни се заканува најголемата опасност. Знаеме дека утре ќе биде навистина тежок меч, но нема да се предадеме. Позитивен резултат ќе ни даде ветер во грбот и навистина ќе биде убаво со добар и борбен меч пред нашата верна публика да ја почнеме сезонава“

Сепак едно е јасно, доколку Металург не одигра на ниво погоре од дуелот со Мотор, дури и послаб противник од Кадетен, ќе биде пресилен за Металург. Мора да се одигра поцврсто во одбраната, голманите да бидат на ниво и во напад да се одигра многу поконцентрирано.

Капитенот Пешевски, очекува поддршка од трибините, како би се вратил Металург на победничките патеки:

„Атмосферата што владее во нашата екипа е одлична. Овој натпревар ни значи многу и затоа максимално мотивирани ќе влеземе во него. Ова ни е прв натпревар сезонава дома и се надевам дека со поддршка од публиката ќе оствариме добар резултат. Наше е да одиграме и со кренати глави да излеземе од теренот“

Мечот ќе се одигра во сабота, со почеток во 17:30, во салата „Борис Трајковски“.