Во светот велат колку жители има една држава, толку има фудбалски селектори. Во Македонија, тоа е случај со спортот број 1 кај нас, ракометот.
Сите ние, кои малку следиме ракомет сметаме дека сме подготвени да седнеме на клупата на репрезентацијата и да го водиме националниот тим. И не само тоа, убедени сме дека ќе ја завршиме подобро работата од Обрван :). Се разбира, тоа ни одблиску не е така. Тоа сепак, не е причина да го анализираме секој чекор на селекторот, почнувајќи од објавувањето на списокот за репрезентацијата.
Според нас во МакРакомет овој список на Обрван е добар. Можеби имаше простор Обрван да истестира уште некој ракометар, но да почнеме од почеток.
Голмани: Борко Ристовски, Никола Митревски. Ристовски е прв голман на оваа генерација ракометари и заедно со Лазаров е лидер на репрезентацијата. Сепак, во такви услови, прашање е дали Обрван требаше да повика нови голмани и да ги тестира во репрезентацијата. Тука пред се мислиме на голманот на Струмица, Благојче Трајкоски и секако голманот на Металург Дупјачанец. Кога зборуваме за подмладување на репрезентацијата, тоа традиционално не важи за голманите, па не е чудо некој да е дебитант и во 30-те. Изборот на Митревски е очекуван и оправдан.
Бекови: Кирил Лазаров, Влатко Митков, Филип Миркуловски, Немања Прибак, Филип Лазаров, Филип Талевски, Филип Кузмановски. За капитенот Лазаров нема дилема. И нема потреба од коментар. Нема дилема ни за Миркуловски (иако последните информации велат дека ќе го пропушти овој собир заради повреда) и Прибак, кој од меч во меч игра се подобро за Бешикташ во ЛШ. Се чини дека и Митков е логичен избор, бидејќи нема млад квалитетен играч за таа позиција. Од младите, одличен е изборот на Обрван за Кузмановски и Талески, кои добиват огромна минутажа во ЛШ во дресот на Металург, и одлично е што се вклучуваат во репрезентацијата. Очекувам и двајцата да бидат дел и од ЕП во Полска. Можеби не беше лошо во тимот да биде повикан уште еден млад играч (пример Дрогиршки), за да подмладувањето оди постепено. Ситуацијата со Филип Лазаров е најспорна. Лазаров практично нема минутажа во дресот на Вардар во ЛШ. Неколку настапи во СЕХА, покажуваат дека Раул Гонзалес мора да му даде поголема доверба и во ЛШ.
Крила: Дејан Манасков, Гоце Ојлески, Гоце Георгиевски, Никола Костески. Тука нема ништо спорно. Ова се најдобрите крила со кои Македонија располага во моментов. Очекуваме Обрван на престојниот турнир да ја подели рамномерно минутажата, за да убаво провери разни варијанти. Загрижува малата минутажа на Манасков во Вардар, и се надеваме дека до ЕП во јануари, тоа ќе се промени.
Пивоти: Стојанче Стоилов, Жарко Пешевски, Никола Маркоски. Стоилов е неприкосновен и навистина е неопходно да биде здрав, бидејќи е неприкосновен на линијата. Радува се подобрата игра на Пешевски, кој се чини ќе му го земе местото на Никола Марковски како втор пивот во репрезентацијата. Марковски сезонава не е на нивото од времето кога играше за Металург и очигледен е недостатокот на силни натпревари. Ова може да претставува сериозен проблем за Обрван на ЕП во Полска.
Специјалисти за одбрана: Ацо Јоноски, Милорад Куковски. По којзнае колку време одбраната ќе биде без Велко Марковски. Играчот на Работнички е вон форма, и ќе биде интересно да видиме како ќе функционира сега одбраната на репрезентацијата, која со години е наше најсилно оружје. Во одбраната може да помогнат и Талески и Кузмановски, кои се значаен дел од одбраната на Металург.
За ЕП во Полска останува отворено прашањето за Наумче Мојсовски (кој не е во натпреварувачка форма) и прашање е колку може да се подготви во катарскиот шампионат.
За крај. Минатата година Обрван жестоко реагираше против Лино Червар околу малата минутажа на репрезентативците. За да покаже на македонската јавност дека тоа е принципиелен став, а не резултат на личниот анимозитет кон Червар, очекуваме да разговара со Раул Гонзалес околу потребата Филип Лазаров, Дејан Манасков и Петар Ангелов да добијат поголема минутажа. За доброто на македонската ракометна репрезентација.