Екипата на Зомимак-М од Струмица е на чекор до освојување на второто место во разигрувањето за шампионската титула на Македонија. Во еден цврст, тежок, тензичен и неизвесен меч екипата на Зомимак-М успеа минимално да слави над екипата на Металург со 21:20 (12:13).  Со оваа победа на некој начин екипата на Зомимак-М му се реваншираше на тимот на Металург, откако во претходниот меѓусебен дуел Металург беше подобар и славеше исто така минимално со 22:21.

Натпреварот го започнаа гостите со голот на Голубовиќ, а за домаќините првиот гол го постигна Чантурија кој во текот на натпреварот имаше неверојатна прецизност од ударите од седум метри 7/7. Најнапред водството на овој натпревар го имаше екипата на Металург 1:3, но набрзо домаќините резултатски се вратија па во текот на целото полувреме се играше гол за гол, иако Металург имаше константно минимално водство. Металург во 22-та минута го имаше најголемото водство од +3, но не за долго. Со нов гол врати Никола Марковски намалувајќи на 8:10. Следеше мала серија на домаќините за конечни 12:13 на полувреме.

Второто полувреме со  неискористен напад го отвора екипата на Металург, но и Зомимак-М не го искористи нападот за да го изедначи резултатот на самиот почеток на второто полувреме. Од тука следеа низа грешки и на двете екипи. Екипата на Зомимак-М го изедначи резултатот 13:13 со голот од пенал на Реваз Чантурија. Ракометарите на Металург веќе во следниот напад направија техничка грешка, при што им се даде шанса на домаќините за прв пат да дојдат во водство на овој натпревар, но сето тоа не го искористија. Како сто одминуваше полувремето се до 43-тата минута се играше гол за гол. Со неколку голови во серија од 43-тата минута па натаму Зомимак-М го достигна и највисокото водство на оваа средба од +4, 19:15. Се чинеше дека веќе се знаеше победникот, но сепак Металург се врати во игра со неколкуте добри партии во одбрана, посебно на Марко Бувиниќ, кој добрата одбрана ја претвори во гол. Следуваа неколку голови на Металург во низа и со тоа резултатски се доближи. При резултат 20:19 за екипата на Зомимак-М, домаќините не искористија напад за да дојдат до водство од +2. Последниот гол за Металург го постигна Жарко Пешевски за 21:20.  Ракометарите на Металург и покрај тајмаутот на Лино Червар, не успеаа да изедначат на 21:21. Чантурија во последните секунди од натпреварот промаши, а ракометарите на Металург на 5 секунди до крајот тргнаа со надеж дека можеби ќе постигнат гол за изедначување. Во овој напад грубо фаулиран беше Ојлески од страна на Велко Марковски, кој заради тој груб старт заработи директен црвен картон. На 2 секунди до крајот на натпреварот Џукиќ шутираше кон голот на Трајкоски кој пак го одбрани ударот и не дозволи да се смени резултатот на семафорот 21:20.

Најпрецизни на оваа средба беа Чантурија со 11 голови од екипата на Зомимак-М и Голубовиќ од Металург со 5 голови. Одлична партија на оваа средба имаше голманот на Зомимак-М, Благојче Трајкоски кој успеа да нанижи 11 интервенции.