Нашата репрезентативка Зорица Десподовска која оваа година ги напушти редовите на ЖРК Металург и замина да игра во Шведска, за прволигашот Луги.
МакРакомет разговараше со Десподовска за нејзиното заминување, за тоа каков е животот и ракометот во Шведска, за подготовките за квалификациите што ни следат за ЕП во Унгарија и Хрватска, како и за нејзиниот приватен живот.
1. Што те инспирираше да почнеш да тренираш ракомет?
Јас потекнувам од ракометна фамилија. Моите родители се бивши ракометари, па тоа беше најважниот спорт во мојот дом. И мојот постар брат беше ракометар па така максимално бев воведена во спортот уште од мали нозе. Гледав многу често натпревари и не можев да дочекам да пораснам доволно за да ми дозволат моите родители да почнам да тренирам. Тие се мојата најголема причина и поддршка за тоа што сум денес.
2. Како се случи да заминеш во Шведска, Луги ХФ?
Јас немав во план да заминам од Металург на полусезона. Сакав да го завршам факултетот до летото, па потоа да размислувам на таа тема. Но Луги имаше потреба од играч. Стапивме во контакт преку тренерот на Локомотива Ненад Шоштариќ, кој е близок пријател со Драган Брљевиќ кој ми е моментално тренер. Јас со Шоштариќ не се знаев лично, но тој ме предложил како играч кој би му одговарал на Луги. Па не поврза и стапивме во контакт. Усповите што ми ги понудија ми одговараа, па се реши да заминам малку порано од планираното.
3. Како е животот таму, споредливо со животот во Македонија?
Тука е се планирано и многу организирано на секое поле.Многу порелаксиран и помирен живот се живее.Целата држава има многу подобар систем и се е под конец.Но тоа дури е навлезено и во секојдневниот животот на Швеѓаните,па дури и ако сакаш да одиш на кафе мора да се договориш со време, за они да ја испланираат неделата што следува.Сите преку недела одмараат и не се многу активни по работата.И секој си ја гледа само својата работа.Ракометот е на многу повисоко ниво организиран ,што мислам дека некој треба конечно да го воведе тоа и кај нас.Училиштата се поврзани со спортот и сите деца учат и тренираат на исто место,со целодневен престој.Кај нас , тоа нема никаква поврзаност и многу често тие две работи се поклопуваат и мора едната да биде некогаш запоставена.
4. Каква е атмосферата во тимот, дали се прилагоди на скандинавскиот ракомет?
Супер е атмосферата со тимот.Ме прифатија максимално, девојките се супер.Тренерот исто така.Имаме некои посебни ритуали пред натпревари и многу често имаме подароци за добра игра што мотивира многу повеќе.Имаме и групни активности понекогаш што повеќе го сплотува тимот
5. Што најмногу ти недостига?
Најмногу ми недостигаат моите најблиски.Било што друго можам да најдам тука.
6. Дали има македонци во Шведска кои доаѓаат да те гледаат?
На почетокот ми делуваше како да нема ниту еден.Но како помина време се запознав и имам поддршка на трибините скоро секој натрпевар.Но не само од трибините, туку и во секојдневниот живот ми помагаат и се дружиме.Имам поддршка и од другите балканци.
7. На репрезентативен план во квалификациите за ЕП годинава на 26 и 29 март имаме два многу важни дуели против Русија. Како течат подготовките за тие натпревари?
Јас ќе се приклучам на екипата на 20-ти, бидејќи тука имаме натпревар.Во контакт сум со селекторот и директорот, па запознаена сум со се, иако не сум таму.До сега сум задоволна со подготовките што ги имавме.
8. Како е атмосферата во репрезентацијата? Верувате ли во пласман за ЕП годинава?
Доста подмладени ќе бидеме на овие квалификации, но јас верувам и покрај тоа што играме со доста квалитетни селекции дека имаме шанси за пласман и дека ќе дадеме се од себе.Оваа наша генерација може многу да даде,па за неколку години се надевам декаќе ја израдуваме јавноста со добри резултати.
9. Што може да изнервира најмногу за време на натпревар?
Па мислам дека најдобар играч е тој што може да ги контролира нервите на натпревар.Прилично сум смирена во игра,барем се трудам.Мразам лошо судење кое е со причина.А најчесто тоа ни се случува на нас затоа што не сметаат за “малата“ Македонија,па често сме оштетени.И многу често мораме да играме и против судии.
10. Што мислиш за скандинавската публика?
Скандинавската публика е најсмешната што ја имам видено до сега.Поготово во мојата сала,која е позната во Шведска како Читална.Името кажува се.Представувањето на натпреварите е спектакуларно,но публиката знае само за аплаус и е многу тивка.Дефинитивно ние сме земја со најдобра и незаменлива публика,и се надевам дека ќе ја добиеме поддршката заквалификациите бидејќи многу ќе ни биде потребна.
11. Ако дојдеме сега кај тебе дома и го отвориме фрижидерот, што ќе најдеме во него?
Сирење,кашкавал и сладолед.Тие се сигурно тука,а се друго е заменливо.
12. Што правиш во слободно време? Имаш ли време да прошеташ , да ја запознаеш нивната култура?
Имам време и за шетање и за дружење.Имам разгледано дел од културата.Имаат многу сочувани градби од многу одамна, што не се опишуваат вака,мора да се видат и доживеат.
13. Каде се гледаш за 5-6 години?
Па не сакам премногу да фантазирам, не сум човек што се преценува, па ќе оставам времето да покаже каде ќе бидам тогаш.Желбата ми е да стигнам што погоре во ракометот,но секој ден размислувам да бидам подобра од предходниот,така да не гледам многу напред.Се држам блиску до себе.Се надевам тоа ќе ми даде успех и ќе стигнам каде што посакувам.
14. Што би сакала да работиш ако не би била ракометарка?
Студирам на земјоделски факултет за квалитет и безбедност на храна и сум при крајот.Ова ми е последна година,си го сакам смерот и ако не сум ракометарка би сакала да се посветам на квалитетот на храната во Македонија и да воведам ред на тоа што го јадеме.
15. За крај, што ќе им порачате на читателите на МакРакомет?
Верувајте малку повеќе во женскиот ракомет, затоа што ви ветуваме дека за брзо време оваа млада генерција ќе ве израдува.