Наместо со очекувана предност, Вардар на реванш четвртфиналниот натпревар во ЛШ во Полска ќе патува со негатива од 2 разлика. И покрај поразот, приказната е далеку од завршена. Сепак, прашањето кај секој вардаров навивач е: Што се случи на саботниот натпревар? Имаше Вардар доволно време за подготовка, по којзнае кој пат сезонава имаше феноменална атмосфера, никогаш подобро судење. И сепак пораз.

Реално, Вардар одигра на многу пониско ниво од она што се имаме навикнато да го гледаме.Според нас, има неколку очигледни причини зошто е тоа така.

1. Талант Душебаев. Големиот ракометен познавач го доби тренерскиот дуел со својот долгогодишен пријател и колега, Раул Гонзалес. Играта на Вардар во нападот беше целосно прочитана. Не видовме ништо од разновидноста и луцидноста на која вообичаено сме навикнати кога игра Вардар, особено на домашен терен. Знаеше Душебаев дека Карачиќ е мозокот на овој вардаров тим, но не му додели директен чувар. Тој целосно ја разби играта во напад на вардарци со навремени излегувања на одбрамбените играчи кон двајцата бек шутери Душебаев и Горбок, уште во рана фаза на организација на нападот од страна на Карачиќ. И крилните играчи на Киелце, одлично ги покриваа и затвораа Дибиров и Шишкарев/Брумен, па средниот бек на Вардар имаше само две опции: додавање до пивот или сам да ја завршува акцијата. Недоволно за успех против вака силна екипа.

2. Игор Карачиќ. Клучниот играч во нападот на Вардар сезонава одигра еден од своите најлоши натпревари. Не само што не се прилагоди воопшто на одбраната на противникот, туку многу брзо во мечот ја загуби смиреноста, почна да шутира од нерезонски позиции, кои беа лесен плен за, и онака, одличниот голман на Киелце. Несомнено, Карачиќ е феноменален играч, но ако нешто воопшто сака да промени Вардар во играта наредниот викенд, Игор мора да биде на своето вообичаено ниво и да ја покрене Вардаровата мачина.

3. Дибиров/Шишкарев/Брумен vs. Штрлек/Чупиќ. Крилните играчи на Киелце ја добија битката со тие на Вардар. Дибиров целосно надвор од мечот. Како што одминува сезоната, Дибиров е се послаб (истото се случи и минатата). Ако на тоа се додаде и извонредната одбрана одиграна од страна на Чупиќ, јасно е зошто „летечкиот Русин“ не постигна ниту еден гол од игра (единствениот погодок беше од пенал). Слично беше и во другиот агол кај Брумен, кој сепак беше многу поактивен, и на позадоволително ниво. На спротивната страна, феноменални беа Хрватите Чупиќ и особено Штрлек. Мануел Штрлек ги постигна последните неколку голови за Киелце и со 5 погодоци беше клучниот во триумфот на гостите. Чупиќ, стандардно добар, со неколку луцидни решенија. Тој ќе биде уште поголема опасност на домашен терен во Полска во недела.

4. Арпад Штербик vs. Марин Шего. Феноменалниот Штербик уште еднаш ја покажа својата големина. Забележа 13 одбрани, фати неколку битни зицери и беше најдобар играч кај домаќинот. Требаше Вардар да ги искористи првите 11 минути во второто полувреме, кога целата одбрана, но особено Штербик беше брилијантен и не прими ниту еден гол. Очекувавме домаќинот да ги искористи тие моменти за да се одлепи на поголема разлика и мирно да го контролира мечот. Сепак, играчите не успеаа во тоа, а делумно виновен за тоа е и одличниот Марин Шего на голот на Киелце. Штербик го доби голманскиот дуел (13-11), но Шего бранеше на извонредно високо ниво во речиси целиот меч и е еден од клучните играчи во триумфот на Киелце. Можеби тоа беше уште едно изненадување за вардарци. Го очекуваа полскиот ветеран Славомир Шмал на голот, а всушност Шего беше нерешливата енигма.

Има цела недела пред себе Раул Гонзалес да ги согледа грешките од првиот дуел и да подготви соодветна тактика пред реванш дуелот во Полска. Двомечот е далеку од завршен. Јасно беше дека ќе гледаме два натпревари во кои ќе одлучуваат нијанси, момент на инспирација, тактички надмудрувања. Јасно беше дека ова ќе бидат два натпревари кои ќе завршат со резултат +/- 3 разлика.

Токму тоа му треба на Вардар. Победа од 3 разлика и пласман на Фајнал 4 турнирот. Дали е можен триумф на жешкиот терен во Полска, ќе видиме за помалку од недела дена.