Нашата репрезентација им пружи силен отпор на големата Франција, во сите 60 минути нашите ракометари беа рамноправни и одлично се држеа против француските ѕвезди. Но сепак не успеавме да ги изненадиме за жал, пресудно беше поголемо искуство на француската репрезентација, кое одлично го искористи кога најмногу требаше.
Но мора да се напомене дека оваа игра на нашите ракометари беше нешто најдоброто до сега, откако селекторот Обрван е на клупата. Нашите лавовски се бореа во одбраната и максимално сконцентрирани во нападот, нешто што треба да се почитува и да се продолжи да се гради овој начин на игра. Игра која ветува пласман на ЕП во Полска, како и можност за пласман на ОИ во Рио.
Селекторот на македонската репрезентација, Ивица Обрван е задоволен од изданието на неговите играчи и покрај поразот од силната Франција.
„Честитки за победникот, но честитки и за моите ракометари кои одиграа одличен натпревар. Бевме блиску до изнeнадување, но искуството пресуди” – вели Обрван.
„Игравме против светска велесила и задоволен сум од нашиот настап. Тие го имаа одличниот Омејер на голот, но и играчот од мојот тим Нгесан кој постигна значајни голови во второто полувреме. Ние одигравме добро во одбраната и во нападот и ако продолжиме вака сигурен сум дека ќе се пласираме на Европското првенство” – заврши Обрван.
Следниот натпревар е веќе во недела, каде ќе им гостуваме на истоимениот вчерашен противник.