На прагот сме на уште едно големо ракометно натпреварување. Веќе се навикнавме секоја година во овој период, последните две недели од јануари, целото внимание да ни го одземат ракометарите.
Овој пат сепак се чини дека нешто е поразлично. За прв пат македонската репрезентација патува со јасна цел и тоа не било каква. Вообичаено екипата ја испраќаме со желба да се помине групата, и толку. Сега не е така. И претседателот на РФМ Мукаетов, и селекторот Обрван и капитенот Лазаров, и сите останати играчи гласно кажуваат – целта на оваа селекција е пласман на Олимписките Игри. А како до таму?
Светскиот првак оди директно на Олимпијада. Останатите седум најдобропласирани ќе се борат за учество преку квалификациите кои ќе се одржат месец дена пред Олимпијадата во Рио. При тоа, домаќини на тие квалификациски групи ќе се полуфиналистите на светскиот шампионат во Катар. Значи на ова првенство Македонија не може да се пласира директно на олимписки игри, но за уште еден исчекор кон толку посакуваните ОИ, потребен ни е пласман во четврт-финалето.
А патот до таму нема да биде лесен. Македонија е во не толку атрактивна, но сепак извонредно изедначена група во која секој може да биде изненаден од секого. Па дури и навидум моќната Хрватска. Сепак, објективно македонската репрезентација има квалитет за пласман на едно од првите 4 места. Но за поголем успех, потребно е што е можно повисок пласман – на едно од првите две места.
Македонија во потенцијалното 1/8 финале, и во најважниот меч на првенството, се среќава со екипа од групата А, каде апсолутен фаворит е Шпанија, пред исто така извонредно силните Словенија и домаќинот Катар. За последното место ќе се борат Бразил и Белорусија. Значи по секоја цена мора да се избегне 4-то место и дуелот со Шпанија. Со Словенија и Катар, колку и да се тешки противниците, можеме да се носиме. Ако ја поминеме оваа препрека, потоа се е можно. Но да не брзаме. На првенствово треба да одиме чекор по чекор.
Машката ракометна репрезентација со години е веројатно единствениот вистински претставник на македонскиот спорт на највисоко светско ниво. Секоја чест на повремените исклучоци, но македонските ракометари се единствените кои константно ја одржуваат Македонија на највисоко ниво. И затоа, како и секогаш, Македонија ја заслужува поддршката на целокупната спортска јавност. И тоа го добива. Јавноста ги остави зад себе поделбите пред се по клупска основа и стои цврсто зад своите миленици.
А сигурни сме дека тие ќе дадат се од себе за уште еднаш, по којзнае кој пат, да ја израдуваат нацијата. Овој пат, зошто да не и со некое од најсјаните одличја.