Со голем бод се враќа македонската ракометна репрезентација од гостувањето во Чешка. Неверојатни 27-27 во меч во кој нашата репрезентација се издигна од работ на тежок пораз. Осум голови предност имаа Чесите на почетокот на второто полувреме. И кога изгледаше дека мечот е загубен и дека ќе се бориме за што попристоен пораз, почна да работи македонската ракометна машина. Се вратија нашите ракометари и освоија голем бод со кој, уште на почетокот од квалификациите се блиску до пласман на европскиот шампионат.

А добро почна македонската репрезентација. Цврстата одбрана, предводена од Ристевски и проектилите на Лазаров донесоа предност од 5-2. Потоа се случува несфатлив пат во играта на нашата репрезентација, што Чесите го искористија за предност од 12-8 во 20-та минута. Обрван се решава за хокеарска измена и ја менува целата постава во напад, на голот го внесува Митревски, се со цел да се прекине серијата на противникот. За жал, тоа не само што не вроди со плод, туку Чесите го покачија темпото и стигнаа до највисоки +7 на полувремето, 18-11.

И второто полувреме го започнавме лошо, но за среќа тој период траеше кратко. Се врати Македонија во игра, носени на крилјата на феноменалниот Борко Ристески. Од -8, до нерешени 25-25 во 22-та минута од мечот. Имавме во тие моменти и два напади за водство (од кои едниот заврши со пенал), но сепак не дојдовме до целосен пресврт. До крајот на мечот игра на нерви, која сепак заврши поволно за нашиот тим. Бод кој е исклучително значаен во овие квалификации, и кој, доколку нема некои поголеми изненадувања, може да се покаже како пресуден за пласман на ЕП.

Борко Ристески е играч на натпреварот со неверојатни 19 одбрани. Во нападот стандардно најдобар, капитенот Кире Лазаров со извонредни 10 гола, добар дел од нив постигнати во клучните моменти од мечот.