На денешната прес-конференција Индира Кастратовиќ и Јан Питлик едногласно изјавија дека очекуваат победа, на која македонската публика во СЦ „Јане Сандански“ ќе се израдува. Неочекуваниот пораз од Ѓер и лошата игра на нашите ракометарки е веќе минато, сите сили се сконцентрирани на неделниот натпревар против екипата на Митјиланд која игра одличен скандинавски ракомет, екипа која го изненади Ѓер, совладувајќи го со 26:21 на гостински терен.
„Сум работел со многу од ракометарките во Митјиланд, 7-8 девојки беа во репрезентацијата на Данска. Знам многу за овие играчи и едвај чекам повторно да ги сретнам. Ова е скандинавска ракометна филозофија против балканска. Ќе биде интересно. Јас како селектор на Данска играв против екипи од Балканот и имав многу тешкотии, физички се многу силни. Затоа важно е да играме агресивно, со многу сила, ним тоа нема да им се допаѓа. Малку бев изненаден што го победија Ѓер во Унгарија, играа многу добро на овој меч, но мислам дека имаме многу големи шанси да победиме“ – изјави Питлик.
И Индира Кастратовиќ се изјасни со самодоверба, потсетувајќи дека Вардар веќе има победи против Митјиланд во минатото.
„Ние го познаваме Митјиланд, веќе игравме со нив. Нам ни беше тешко после Ѓер да се вратиме во колосек, а сега знаеме што нѐ очекува. Митјиланд не смее да се потценува, особено по она што го направи во Ѓер. Скандинавските екипи се такви, за нив не е важен домашен или гостински терен, 60 минути играат. Се подготвувавме да не нѐ изненадат со ништо, најважно е што сите девојки се здрави. Полека се приближува денот и се надевам дека ќе победиме, нема да биде лесно, но очекуваме победа“ – изјави Индира.
Извор: www.zrkvardar.mk