Иако на сите ни е јасно дека ракометот е екипен спорт и една репрезентација може да победува само ако има силен колектив, сепак во речиси секоја екипа се истакнуваат неколку поединци како клучни играчи во тимот.  Го има тоа кај нашата репрезентација, но го има и кај репрезентацијата на Словенија, нашиот противник во 1/8 финалето.

По досега прикажаното во дуелите од групната фаза, кај Словенците се истакнуваат четворица  играчи во нападот и еден во одбраната:

Драган Гајиќ. 30-годишното десно крило на Монпеље и репрезентацијата е вистинска гол машина. Тој блеска на овој шампионат. Со вкупно постигнати 43 гола (74% успешност) тој е лидерот на оваа репрезентација. Особено импресивни се неговите 15 голови против Белорусија и 12 во мечот со Бразил. Сепак, мора да се спомне дека во двата дуели со посилните репрезентации (Катар и Шпанија), Гајиќ беше спорен и постигна 3, односно 4 голови. Што значи, колку и да е ова несомнено добар играч, има лек за неговата игра. Во македонската репреентација тој лек се вика Дејан Манасков.

Јуре Доленц. Соиграчот на Гајиќ од францускиот Монпеље игра извонредно на овој шампионат. По Гајиќ, овој 26-годишен десен бек е втор стрелец кај Словенците со досега 22 постигнати голови. Најдобриот мечеви Доленц ги одигра со Катар (8 гола) и Шпанија (4 гола) што покажува дека во најтешките дуели, тој ја презема одговорноста. Нешто што може да се случи и во недела со Македонија. Македонската одбрана предводена од Велко Марковски и Ацо Јоноски, како и Никола Марковски кој често ја покрива таа страна, мора да биде на врвно ниво.

Себастиан Скубе. Средниот бек на Цеље игра одлично во досегашниот дел на шампионатот. До сега постигна 16 голови, кои ги постигна на 4 меча, бидејќи на последниот меч со Шпанците, Скубе не успеа да се запише во листата на стрелците (имаше само еден неуспешен удар од 9 метри). Исклучително пробивен и подвижен, Скубе може да ни прави големи проблеми, па подвижноста на нашите централни одбрамбени играчи мора да се подигне на уште повисоко ниво.

Лука Звижеј. Со искусното (34 години) левото крило на Цеље, ја затвораме листата на најопасни играчи по голот на Борко и Диви. Звижеј нема постигнато толку многу голови како Гајиќ, но е дел од исклучително опасниот крилен двоец на Словенија. Знае да повлече кога нема да му тргне на Гајиќ (7 голови со Катар), и не смее да се заборави на опасноста која демне и од таа страна. Сепак, доколку Гоце Георгиевски одигра концентрирано во позиционен напад и навремено се враќа во одбраната, може да се надеваме на успех.

Миладин Козлина. Нам добро познатиот Козлина е столбот во одбраната на репрезентацијата на Словенија. Моментално прв на листата на најдобри блокери на шампионатот (вкупно 10 на 5 мечеви), Козлина е клучен играч во одбраната. Столе Стоилов на линијата, како и нашите бекови ќе мора добро да се помачат за да излезат како победници во жестоките дуели. Тоа се играчи кои меѓусебе и тоа како се познаваат (Козлина играше и во Металург и во Вардар изминативе години), па се очекуваат интересни и неизвесни дуели.