Металурв во недела од 17:30 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го пречека романскиот шампион Баја Маре, во рамките од 6-то коло во Лигата на шампионите. По минималниот пораз на последното гостување во Романија од 21:20, ракометарите на Лино Червар имаат шанса да им се реваншираат и одново да се вратат во победнички ритам.

На денешната прес конференција, Лино Червар им ја даде фаворитската улога на романскиот клуб Баја Маре.

„Баја Маре е многу посилна екипа од нас. Но, тоа не значи дека треба да се предадеме. Афитулин не играше, но Карачиќ добро го замени. Главен играч е Татари поранешен репрезентативец на Унгарија, десното крило. Левиот бек Рамба ни правеше исто така многу проблеми. Виловски е добар на линијата, играат цврсто во одбраната. Треба добро психички да се подготвиме за нив. Тие во гости освоија еден бод, но одиграа добро против Скјерн. Многу опасна екипа. Искуството е на нивна страна. И покрај финансиските проблеми, тие сепак сметаат дека можат да бидат втори. Не смееме да мислиме дека може лесно да биде со Баја Маре, мора максимално да се мобилизираме. Божовиќ ќе игра, но не е во најдобра здравствена состојба. Се надеваме дека ќе биде подобро наредните денови“ – изјави Червар.