Тренерот на Металург, Лино Червар, во последното интервју за „Ал Џазира“ во пресрет на СП во Катар ги открива своите очекувања од настапот на нашата репрезентација.
„Секако дека ќе ги следам настапите на Македонија бидејќи во нејзиниот состав има дури 12 ракометари на Металург и ме интересира како ќе одиграат и воопшто какви резултати ќе постигне репрезентацијата. Секако, ме интересираат сите репрезентации од просторите на бивша Југославија и посебно Хрватска“ – изјави Червар.
Според Червар, ова СП е кулминација на една македонска ракометна генерација која пред себе си поставила сериозен императив, а тоа е пласман на ОИ во Рио.
„Овој момент би го оценил како кулминација на една генерација која е во својот зенит и се наоѓа пред голема цел, а тоа е пласман на ОИ во Рио. Нормално дека тоа истовремено ќе биде голем притисок за играчите, но според мене тоа е последна можност да постигнат некој голем резултат. Ако тоа не се случи, веројатно репрезентацијата ќе треба да се подмлади, се знае каква е еволуцијата на ракометната игра“ – заврши Лино Червар.