Очајна игра и целосно заслужен пораз на ЖРК Вардар на гостувањето во Волгоград од екипата на Динамо Синара. Без концепт, без идеја. Апсолутно ништо не покажа Вардар на овој меч.

Се потврдија нашите стравувања дека е целосно лажна еуфоријата по победата над Крим минатиот викенд. Предупреди екипата на МакРакомет дека тој меч не е показател за вистинскиот квалитет на Вардар. Сите малку подобри познавачи на ракометот беа свесни дека Крим е убедливо најслабата екипа во групата и дека вистинскиот предизвик е мечот со рускиот шампион, Динамо.

А Русинките покажаа дека се далеку пред Вардар. И не затоа што тие се толку квалитетни, туку затоа што Вардар е слаб. Само воведните минути ни дадоа надеж дека ќе одиграат македонските шампионки конечно добар меч на гостувањата годинава. Но рускиот првак брзо не тресна на земја. Концентрирано, со точна замисла што сакаат да добијат на овој меч, постепено ја зголемуваше предноста, која на полувремето изнесуваше 15-12.

Почнавме со гол во второто полувреме, имавме и напад за -1, но откако не го искористивме, заради една од многуте грешки денес (вкупно 19), се тргна во неповрат. Од 16-14 во 6-та минута од второто полувреме, Динамо додаде гас, вардарките целосно застанаа за конечни 33-25.

Неверојатните 33 примени гола се уште пострашни ако се знае дека наш најдобар играч беше голманот Амандин Лејно. Феноменалната Французика бранеше одлично во првото полувреме. Потоа од сосем неразбирливи причини, Кастратовиќ ја седна на клупата, а Суслина ни одблиску не беше на ниво на својата колешка. Се врати потоа Лејно на голот, продолжи да брани извонредно, но се беше залудно. Од останатите, вреди да се истакне само уште Радичевиќ, која храбро влегуваше во дуел со противничките, а воедно беше и најпрецизна кај Вардар.

И на крај мора да се признае. Најслаб член во екипата на Вардар беше тренерот Индира Кастратовиќ. Изјавите на Кастратовиќ дека минатиот меч со Крим е најдобриот откако таа е во Вардар и дека е забележителен напредокот во играта, се покажаа дека се тотално погрешни, и само во функција на создавање на атмосфера меѓу навивачите. Кастратовиќ и тогаш, и денес, лошо го водеше тимот. Да примаш над 30 голови на двата натпревари, а голманот да е најдобар играч, е навистина поразително и кажува се. Дополнително, играта во напад, а особено транзицијата одбрана – напад е катастрофална. Апсолутно не се знае која е улогата на секој од играчите и често гледавме како си пречат меѓусебно, наместо да реализираат лесни голови.

Следниот викенд нема мечеви во ЛШ, па оваа пауза од 14 дена мора максимално да се искористи. Веќе не зборуваме за висок пласман во групата. Сега зборуваме за пласман во ¼ финалето, каде сосем е извесно ќе играме со големите Ларвик или Ѓер. Но за тој меч не смее воопшто да разговараме. Сега мора да се збијат редовите, да се надминат проблемите во екипата и да се оди натпревар по натпревар до пласман во ¼ финалето.