Со пораз 23-17 од Будуќност, и исклучително лоша игра, ракометарките на ЖРК Вардар го започнаа овогодинешното натпреварување во лигата на ракометни шампионки. Рака на срце, во првото коло вардарки за противник го имаа главниот фаворит за пласман во големото финале, но знаејќи дека и ЖРК Вардар ја има истата таа цел, тоа и не е оправдување.

Лошо го почна и генерално лошо го одигра речиси целиот натпревар екипата на Вардар. Во нападот, бековската линја Пенезиќ, Лекиќ, Лазовиќ, која се надеваме дека годинава ќе претставува страв и трепет за сите противнички одбрани, делуваше некоординирано. Немаше течност во акциите, и со исклучок на два-три напади, речиси сите голови беа постигнати благодарение на несомнено високите квалитети на Пенезиќ (5 гола) и Лекиќ (4 гола). Крилата и особено пикерот беа целосно отсечени, што им даде можност на противничките со чести фаули да ја држат целосно контролата врз мечот.

На спротивната страна, Будуќност можеби не блескаше, што е за очекување бидејќи е прв меч во сезоната, но беше за класа подобар од нашиот тим. Одиграа извонредна одбрана, а во нападот постигнуваа лесни голови. Особено поразително е за Вардар оа жто прими дури 7 голови од левото крило Билјана Павичевиќ, а очекувано добри беа и бековите Булатовиќ и Неагу, со по 5 постигнати голови.

Веќе наредниот викенд, ЖРК Вардар го игра мечот од второто коло, против екипата на Турингер, која со убедливи 33-20, ја совлада екипата на Подравка во првото коло.
Јасно е дека ЖРК Вардар се соочува со непланирани повреди и отсуства на почетокот на сезоната (Хмирова, Пино, Лејно), но сепак на располагање има доволно квалитетен ростер за да може да ја оствари првата победа сезонава. Со очекуваната поддршка од навивачите, веруваме дека тоа е можно.

Будуќност 23-17 ЖРК Вардар

Будуќност: Павичевиќ 7, Булатовиќ 5, Неагу 5, Цвијиќ 4, Кнежевиќ 2
ЖРК Вардар: Пенезиќ 5, Лекиќ 4, Дембеле 2, Лазовиќ 2, Зебиќ 2, Николиќ 1, Радичевиќ 1