Македонската женска ракометна репрезентација утре ќе ги започне претквалификациите за пласман на СП 2015 во Данска, против репрезентацијата на Италија. Мечот се игра во рамките на Група 3, во која е и репрезентацијата на Исланд. Уште летово, по ждрепката беше јасно дека помеѓу Македонија и Исланд ќе се одлучува за победникот во групата и патникот во баражот за СП во Данска. Но, за да се потврди таквата позиција мора прво да се одработат дуелите со Италија кои ни претстојат, првиот веќе утре во СРЦ „Кале“ со почеток од 17:45 часот, за веднаш после три дена, во Фолоника (Италија), да се одигра и вториот натпревар. Двомечот со Исланд, девојките ќе го одиграт во месец декември.

Во 22-годишната историја на СП, репрезентацијата на Италија само еднаш учествувала на шампионатот, и тоа како домаќин на СП 2001, на кое заврши на 16-тото место. Носители на играта на Италија се трите бека и голманот, на кои се основа целата игра на тимот и кои немаат соодветни замени, нешто што би требало нашите ракометарки да го искористат, со оглед дека тешко е да се одигра еден натпревар на исто ниво, без одмор.

За разлика од Италија, нашата репрезентација има поголем ростер на ракометарки. Носители на нашата игра ќе бидат нашите поискусни интернационалки, предводени од Зорица Десподовска и Елена Ѓеорѓиевска на бековските позиции, потпомогнати од најискусната Робертина Мечевска и двете одлични крила Митрова Драгица и Ристовска Сара. На голманската позиција, ги имаме младите Наташа Антиќ и Ивана Зафирова, можеби не толку искусни, но желни за докажување и победи. Со Душица Ѓеорѓиевска ја затвораме нашата претпоставка за стартниот состав, која ќе ја има најтешката задача, како среден бек, да ја раздвижи целата наша игра во нападот.

На клупата имаме младите одлични ракометарки, кои ќе бидат веродостојна замена. Предводени од Марија Штерјова, која се врати во составот, заедно со Ленче Иклова и Андреа Белеска.

Одбрана ќе биде нашето најсилно оружје, која треба резултира со брзи контри и лесно постигнати голови.

Останува уште поддршката, која им е најпотребна на нашите ракометарки. Затоа ве покануваме сите љубителите на ракометот, утре во 17:45 часот, во СРЦ „Кале“ да ги поддржиме нашите ракометарки и заедно да ја славиме првата победа во овој циклус на претквалификации.