Со сигурна игра и убедлива победа, македонската ракометна репрезентација ја совлата екипата на Швајцарија. Конечниот резултат 27-20, ја покажува супериорноста на нашата репрезентација на овој меч, иако, има простор за подобрување во играта, особено во напад.

Како што можеше и да се очекува, победата ни ја донесе одличната игра во одбраната. Добро се движеа сите играчи кои настапија во одбраната. Од централните дефанзивци Јоновски и Велко Марковски, па се до крилата Георгиевски и Манасков, кои неколкупати ги пресекоа нападите на противникот, се изгледаше одлично. Секако, на чело на одличната игра во одбраната беше Борко Ристески, кој и во репрезентацијата ја покажа извонредната форма, во која брани во француското првенство и мечот го заврши со 15 одбрани.

Во нападот не беше се идеално, но разликата во квалитетот овозможи, нашата репрезентација да ја диктира играта и целосно да го контролира резултатот. Лазаров стандардно најпрецизен со 13 голови. И не само заради головите, туку и заради полетноста со која настапи на овој меч, Лазаров покажа уште еднаш, по којзнае кој пат, како еден капитен треба да настапува за својата екипа. Покрај Лазаров, одличен беше и Манасков, со 4 постигнати голови.

Победата над Швајцарија ја оставаме зад нас и се фокусираме на следниот меч, дуелот со екипата на Чешка. И иако оваа македонска репрезентација мора да оди на победа на сите натпревари во групата, вклучувајќи ги и мечевите против главниот фаворит Франција, реално Чешка е нашиот директен конкурент за второто место кое води на Европскиот шампионат во Полска. Репрезентативците на Македонија мора да одиграат многу подобро, пред се во нападот, и уште еднаш да го покажат високиот квалитет и да извојуваат победа. Нема да биде лесно, независно што Чешка нема да биде комплетна (без главниот играч Филип Јиха), но доколку нашите репрезентативци успеат, уште на самиот почеток од квалификациите Македонија со една нога ќе биде на Европскиот шампионат.