Македонската младинска репрезенација со победа ги отвори квалификациите за пласман на Европското првенство кое летово ќе се одржи во Валенсија, Шпанија откако во еден тежок и неизвесен натпревар успеа да слави над репрезентацијата на Исланд со резултат 22:24. Првото полувреме нашите ракометарки го започнаа многу лошо, со низа технички грешки кои противникот успеваше да ги искористи и ја зголемуваше својата предност од минута во минута (5:2; 6:2). Првите три гола на нашиот состав беа од линијата за седум метри, а првиот гол од игра падна дури во 20-тата минута преку Керамичиева. Со лошо организирана игра и низа технички грешки, нашите ракометарки на одмор заминаа со негатива од 2 гола (10:8).
Во второто полувреме на теренот како да стапна сосема друга екипа. Со поорганизиран напад, со цврста одбрана и сè помалку технички грешки, Македонија успеа да направи пресврт, каде што веќе во 49-тата минута имаше и највисоко водство од 5 голови (16:21). Потоа следуваше пад во играта на младите македонски ракометарки и со тоа му дозволија на Исланд со серија од неколку голови да се врати во натпреварот и да го направи неизвесен до самиот крај. Во 57-та минута од натпреварот на семафорот резултатот беше изедначен 22:22, но благодарение на одличната партија што ја пружи голманката Ладева (10 интервенции), Македонија успеа да дојде во водство од 2 гола со головите на Керамичиева и на Ѓорѓиоска.
Најпрецизни во составот на Македонија беа Сара Ристовска со 9 голови, а по 3 додадоа и Керамичиева, Тодоровска и Стојановска. Македонија утре го игра својот втор натпревар овој пат против репрезентацијата на Холандија во истиот термин од 18:30 часот.
Резултати:
– Црна Гора 30:25 Холандија
– Исланд 22:24 Македонија