Македонската женска ракометна репрезентација е сместена во третиот шешир за ждрепката за квалификациите за Европското првенство во 2016 година, кое ќе се одржи во Шведска. Во квалификацискиот формат од по 4 екипи во група, нашите ракометарки ќе имаат за противник две подобро рангирани репрезентации, но и еден аутсајдер.
Ждрепката ќе се одвива на 23 или на 24 март во Виена, а натпреварите ќе се одвиваат во термините на ЕХФ во октомври 2015, во март 2016 и во јуни 2016. Откако сите четири екипи ќе одиграат меѓу себе дома и на гости, првите две од секоја група и најдобрата третопласирана ќе обезбедат пласман за ЕП во Шведска, кое ќе се одржи од 4 до 18 декември 2016.
Претходно, во јуни 2015, ќе се одржи и првата квалификациска фаза од која две репрезентации (квалификант 1, квалификант 2) ќе се пласираат во главната фаза по групи. Учесници таму се Финска, Азербејџан, Израел, Бугарија, Фарски Острови и Косово.
Шешир 1: Норвешка, Црна Гора, Данска, Унгарија, Србија, Франција, Шпанија
Шешир 2: Германија, Романија, Полска, Русија, Холандија, Чешка, Хрватска
Шешир 3: Словачка, Украина, Исланд, МАКЕДОНИЈА, Турција, Белорусија, Австрија
Шешир 4: Словенија, Португалија, Швајцарија, Италија, Литванија, квалификант 1, квалификант 2