Денес е слободен ден за македонската ракометна репрезентација, како и за сите екипи од Група Б на Светскиот шампионат во Катар.

Два меча, две победи за македонската репрезентација пред првото од двата балкански дуели во групата. Во понеделник, Македонија игра со репрезентацијата на Босна и Херцеговина, која за разлика од нас, забележа една победа (над Иран) и еден непријатен пораз од Австрија, директен конкурент за пласман во следната рунда натпреварувања.

По поразот од Австрија, селекторот на Босанците, Драган Mарковиќ, не покажа знаци на разочараност и повика веднаш да се насочат мислите на дуелот со Македонија.

„Нервозни сме, не играме течно во нападот, како што игравме до сега. Прце ја подобри малку нашата игра, но му недостасуваат натпревари. Мислам дека ќе ја надминеме нервозата. Ова е наш прв голем турнир и од овој натпревар мора да излеземе попаметни. Сега одиме да се подготвуваме за Македонија“, истакна Марковиќ.

Марковиќ не бега од фактот дека Македонија е силна репрезентација, ниту дека е фаворит на дуелот со Босна и Херцеговина, но гледа и простор за успех.

„Македонците имаат осцилации во играта, иако Иран и не е така лош како што се чини. Мислам дека против Македонија можеме да одиграме многу подобро. Таа репрезентација има голема предност и заради настапите на нивните екипи во Лигата на шампионите, бидејќи многу играчи настапуваат во ист тим, и навистина добро се познаваат“, заврши Марковиќ.