Денес со двата дерби натпревари од 14-то коло, се заокружи оваа успешна ракометна година во македонското првенство, со што започна зимската пауза на машката Супер ВИП ракометна лига.

Првото дерби се одигра во градот на Конзулите, каде Битолчани оваа календарска година ја завршија на убедлив начин, откако вечерва пред својата публика ја совладаа екипата на Тинекс Пролет со 29:19. Резултат кој не го отсликува добро целиот натпревар, со оглед на тоа дека се играше одлично прво полувреме, кое заврши со резултат 12:12. Но, сепак битолчани во второто полувреме влегоа помотивирани и посконцентрирани, со што набрзина направија солидна предност од 17:13, која до самиот крај ја одржуваа и постепено ја зголемуваа за конечни десет гола разлика. Битолчани ги предводеше одличниот Стефан Дрогришки, кој постигна 8 погодоци. Додека кај скопската екипа, најефикасен беше Славиша Димитриевски кој постигна 7 погодоци.

Второ дерби се одигра во градот под Марковите кули во преполната сала „Сонце“ пред 2 500 гледачи, каде РК Прилеп не успеја да направи изненадување и загуби од одличните “рисови“ од Струмица со 23:26. Ракометарите на Зомимак-М уште на самиот почеток даде на знаење за што се дојдени и за нивниот несомненен квалитет, со што уште во првото полувреме кое заврши со 7:14, се виде кој ќе биде победникот на овој натпревар. За потоа рутински го изиграат второто полувреме за конечни 23:26 и завршат годинава како непобедливи, со 14 победи, од исто толку натпревари.

Во другите натпревари без големи изненадувања, РК Металург 2 на домашен терен во Автокоманда го совлада тимот на РК Преспа со 33:31. Натпревар во кој се истакнаа младите Борјан Маџовски и Никола Костески, кои постигнаа по 7 погодоци, со што продолжуваат да го покажуваат својот несомнен талент. Во гостинската екипа најефикасен беше Миле Бочкаровски со 9 постигнати погодоци.

Единствена екипа која се избори за победа беше екипата на РК Радовиш, која беше поуспешна од РК Работнички со 25:34. Најефикасни кај гостинската екипа се истакнаа Миле Ордев со 9 погодоци и по 7 погодоци постигнаа Ивица Илиев и Бобан Блажевски. Во поразената екипка најефикасен беше Кире Мачавелов со 7 постигнати погодоци.

Охрид го декласираше веќе отпишаниот Текстилец со 42:11 во салата “Билјанини извори“. Најефикасен кај охриѓани беше Ацо Трифуновски со 13 постигнати погодоци.

Конечниот изглед на табелата, после 14-то коло на машката Супер ВИП ракометна лига:

1. Зомимак М 42
2. Металург 2 30
3. Прилеп 2010 28
4. Радовиш 24
5. Пелистер 24
6. Пролет 21
7. Охрид 20
8. Работнички 13
9. Преспа 6
10. Текстилец 0