Екипата на Металург, прва од двете ракометни македонски екипи ги отвара овогодинешните настапи во Лигата на шампионите.
Во сабота, металурзите во дуелот со екипата на Мотор Запорожје, ја започнуваат новата одисеја во ЛШ. Новиот концепт на натпреварување кој од годинава го наметна ЕХФ, ќе биде ново искуство за сите екипи, па така и за Металург.
Како што е познато, Металург се наоѓа во Ц-Д делот од лигата, каде патот до 1/8 финалето е навистина тежок. За потсетување, нашата екипа ќе мора да заврши на едно од првите 2 места, во конкуренција на 6 екипи, и потоа, преку дополнителен плеј-оф меч, да се најде во најдобрите 16 екипи во европа.
Иако се работи за долго натпреварување, би било извонредно доколку Металург уште на стартот се наметне како фаворит во својата група, и настапот го започне со 2 бода на гостински терен. А на почетокот, за противник го имаат еден од фаворитите во групата, украинскиот Мотор Запорожје.
Иако нема многу познати играчи во своите редови (рускиот играч Шелменко е најпознатиот), Мотор е цврст и добро уигран колектив. Иако минатата година Мотор не ја помина групната фаза, одигра многу квалитетно и на голем дел од мечевите, губеше со мала разлика (Мотор нема пораз поголем од 4 разлика ни на домашен, ниту на гостински терен). И оваа година, во подготвителниот период, Мотор покажа дека е силен, совладувајќи го дури и Киелце.
И додека Мотор речиси и да нема измени во ростерот, од спротивната страна Металург има целосно нов тим, и навистина е тешко да се процени колкави се неговите можности. Но, каков и да е тимот, кој и да е противникот, Металург мора да ја игра својата игра – цврста одбрана, да се користи можноста за контра преку крилата, а доколку тоа не успее, да се оди на долг позиционен напад.
Дали Металург може да изненади, дали вториот најмлад тим во ЛШ ќе може да се носи со поискусните, ќе видиме во сабота. Мечот е со почеток во 17:30 по македонски време, со директен пренос на МРТ1.