Екипата на РК Металург во второто коло од плејофот му гостува на тимот на ракометниот клуб Прилеп. Средбата е закажана за 08.04.2015 година, со почеток во 17 часот и ќе се одигра во големата спортска сала „Сонце“ во Прилеп.
Во оваа фаза од првенството екипата на Металург за прв пат ја има улогата на гостин на еден натпревар, а за очекувањата од овој натпревар свое видување дадоа играчите од двата тима.
За очекувањата на Металург од овој натпревар, тимот на МакРакомет разговараше со пивотот Жарко Пешевски кој ни го изјави следново:
„Очекувам еден интересен и жесток натпревар и затоа се подготвуваме максимално со оглед на важноста на оваа средба. Јас и моите соиграчи сме максимално мотивирани и можам да ветам голема борбеност и резултатот ќе си дојде сам по себе.“
Средниот бек на екипата на РК Прилеп, Јован Талевски во врска со оваа средба ни ја даде следнава изјава:
„Сите знаеме која е екипата на Металург и за нејзиното реноме како клуб, но ние се спремаме како и за секој друг натпревар. Без никаков притисок ќе влеземе во овој дуел и секако ќе дадеме се’ од себе, секое невнимание на противникот ќе се обидеме да го искористиме, па зошто и да не победиме на оваа средба. Со оглед на тоа дека натпреварот се игра во големата спортска сала „Сонце“, ќе имаме голема поддршка од публиката, љубители на ракометот.“
За потсетување, средбата помеѓу екипите на Зомимак-М и Вардар е одложена, поради обрвските што ги има екипата на РК Вардар во Лигата на шампионите.