ППД Загреб го совлада македонскиот шампион Металург до резултат 19-17. Трето коло, трет пораз за плаво-белите. Сепак, за разлика од првите две кола, сега со мирна совест можеме да кажеме: Овој пораз Металург не го заслужи. Точно, играта на Металург ни во ова коло не беше на највисоко ниво, но во Арената во Загреб, нашата екипа беше подобар противник.

На дуелот во Загреб, Металург конечно почна да личи на себе. Особено во играта во одбрана. Како што екипата на МакРакомет најави во анализата пред мечот, одбраната на Металург е сосема друга кога играат Велко Марковски и Ацо Јоноски. Загрепчани, особено нивниот главен играч – Стјепанчиќ, не можеа да го видат голот на Металург. И да не беа 7-те голови од пенал, Загреб ќе доживееше потоп. Треба да се спомене и Митревски, кој покажа дека во отсуство на Станиќ, треба да биде прв голман на Металург и да ја добие долго чеканата шанса.

Во нападот, за разлика од одбраната, Металург повторно се мачеше. Во отсуство на Вугринец, и откако Липовина направи неколку почетнички грешки, беше заменет и Червар речиси целиот меч го одигра со деснораки бекови. Во нападот движечка сила беше Атман, кој честопати беше брутално и комплетно надвор од ракометните правила, стопиран од противничките играчи. Покрај него, солиден беше и Циндриќ, а на моменти (за прв пат сезонава) и Мојсовски наликуваше на себе. Тоа сепак не беше доволно за да се надмине границата од 20 постигнати голови. Целосната статистика од натпреварот во Загреб, може да ја погледнете на следниот линк..

„Мислам дека сега не би навлегувал во преголемо анализирање на натпреварот. На секој оној кој малку разбира ракомет – денес се му беше јасно“ – изјави Лино Червар по мечот. И додека Червар, согласно позицијата на која се наоѓа, крајно внимателно и дипломатски го коментираше натпреварот т.е. судењето на натпреварот, ние можеме отворено да ги кажеме работите.

Трето коло по ред Металург има лошо судење. Сепак, на мечот во Загреб, таквото судење доживеа кулминација. Словенечките судии Крстиќ и Љубиќ директно влијаеа на резултатот. Бевме сведоци на катастрофално судење во текот на целиот натпревар. Исклучително грубите стартови на Хрватите не беа санкционирани т.е 2 минути исклучување добиваа само кога беше тоа веќе „прекршок за затвор“. И тогаш, веднаш во следниот напад компензираа со исклучувања за Металург за смешни прекршоци. Сите (буквално сите) спорни ситуации беа досудувани во полза на Загреб, немаа ист критериум за пробивања и за седмерци. И ова е само она што ние од ТВ екраните можевме да го видиме. Што се се случувало доле на теренот, останува да претпоставуваме. Зошто Металург сезонава добива вака лоши судии, останува само да претпоставуваме…

Како и да е, РК Металург по 3 одиграни кола е без бодови и се наоѓа во незавидна ситуација. Следи дуелот со Кил во Скопје, каде Германците се апсолутни фаворити. Но, не е се завршено. Ниту пак е трагедија ако Металург, после 3 феноменални сезони, не успее да се пласира во елиминациската рунда. Она што е сигурно е дека на нашите ракометари, сега повеќе од било кога, им е потребна поддршка од нивните симпатизери. Сега повеќе од било кога треба на дело да ја покажат изреката – клубот се сака и кога губи и кога победува, и да им помогнат на играчите и на целиот клуб, да ги пребродат овие најтешки моменти во последните неколку години.