Со мечот Металург – Брест Мешков се затвара полусезоната во Лигата на шампионите. И некако плановите пред почетокот на сезоната говореа, дека токму со овој меч Металург- ќе го визира пласманот во осмина-финалето, четврто во низа. Но за жал, тоа не е случај. Ни најголемите песимисти не можеа да претпостават дека во дуелот од 8-то коло, Металург ќе се бори само за втората победа во ЛШ. Но што било, поминало. Од таборот на Маталург уште пред мечот со Ла Риоха, во пресрет на 6-то коло, изјавија дека целта е групната фаза во ЛШ да се заврши со 6 освоени бодови. Па ако случајно се поклопат коцките во другите натпревари и Металург се пласира во нокаут фазата, на тоа ќе се гледа како на бонус.
И очекуваме од Металург да го исполни ветеното. Првите 2 бода ги освои со шпанскиот Ла риоха, а сега очекуваме нова победа. Се добива впечаток дека по сите перипетии, Металург е на добар пат да се врати на победничките патеки. Полека, но сигурно, играта на Металург е онаа препознатливата – цврсто и борбено во одбраната, и споро до сигурна реализација во нападот. Нападот и понатаму е главен проблем за металург. Ни под разно македонскиот шампион не смее да си дозволи премногу технички грешки во нападот, кои сигурно противникот безмислосно ќе ги казнува. Тука најмногу очекуваме од најискусните – Ренато Вугринец, Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски. Сепак, јасно е дека тројцата најискусни ракометари нема да можат да го издржат високото темпо 60 минути. Елем, очекуваме Неловски, Талевски и помладиот Манасков повторно да добијат соодветна минутажа. На минатите два натпревари, тие покажаа спортска дрскост и несомнен квалитет, па шанса мора да им се укаже повторно. А кога сме веќе кај помладите, во Париз, извонредна партија имаше пикерот Никола Марковски, кој мора да ја повтори доколку сакаме добар резултат.
На овој меч очекуваме конечно своја ноќ да имаат и репрезентативните крила, Манасков и Георгиевски. Обајцата мора да се многу поагилни и особено поконцентрирани во завршницата на нападите (особено при брзите контри).
И на крајот, веројатно и најважно, ако Металург сака победа на овој меч, голманите мора да бидат на ниво од барем 15 одбрани. Без голман, не може да се добие натпревар во ЛШ. Митрески и искусниот Мисовски треба да се последниот бедем, кој треба да ги откаже опасните противнички играчи.
И иако сите сме свесни дека шансите за пласман се сведени на теорија, надежта последна умира. Па дури и да не се пласира Металург понатака, поважно е да покаже добра игра и да се обиде да забележи победа, со цел задржување на реномето и како поттик за понатамашниот тек на сезоната.
Мечот е со почеток во 19:00 часот, во салата Борис Трајковски, која се надеваме ќе биде исполнета до последното место и ќе ја даде неопходната поддршка за македонскиот првак.