Денес, среда, 19.00 часот, во спортска сала на СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица, ќе се одигра решавачкиот натпревар за второто место во овогодинешната македонска Супер лига. Дуелот меѓу екипите на Зомимак-М и Металург, ќе го одлучи вице-шампионот на Македонија, а со тоа и вториот учесник од нашата држава во следната сезона на СЕХА лигата.
Во првиот меч одигран во рамките во Скопје, Металург го совладат тимот на Зомимак-М со резултат 22-21, па победникот на денешниот дуел сосем извесно ќе го освои толку посакуваното второ место.
Можеби звучеше неверојатно на почетокот на сезоната, но сега, во пресрет на овој дуел, Зомимак-М е фаворит. Екипата практично се прошета во првиот дел од сезоната забележувајќи победи на сите мечеви. Единствените порази сезонава се против неприкосновениот Вардар, и веќе споменатиот пораз од Металург. Покрај тоа, пред неколку месеци Зомимак-М ја искористи кризата во Металург и се засили со репрезентативците Велко и Никола Марковски, кои заедно со Пецаковски, Павловски, Чантурија, Везенковски, ја прават екипата навистина силна за македонски услови.
Но Металург не смее да се потцени. Сеуште актуелниот шампион остана без 16 играчи, но и покрај тоа сеуште е во игра за второто место во шампионатот. Тоа ретко која екипа може да го издржи. Дополнително, куп натпреварот со Вардар покажа значителен напредок во играта на Металург. Иако се заедно само неколку месеци, мечот со Вардар минатиот викенд покажа дека Металург не патува со бело знаме во Струмица. Дополнително, на клупата сеуште е Лино Червар, кој знае како е да се подготви екипа за вакви мечеви. Војводиќ, Ѓукиќ, Ојлески, се клучните играчи во Металург во последните неколку натпревари, но тука се и искусниот Стојановиќ, младите Талевски, Пешевски, Бувиниќ, Костески, Манасков, браќата Маџовски, и сите заедно се повеќе наликуваат на вистински тим.
Не очекува еден неизвесен, возбудлив и крајно интересен натпревар.
Нека победи подобриот!
*Директен пренос ќе има на Собраниски Канал