По првите 5 кола во Лигата на шампиони во машка конкуренција, јасно е дека ова натпреварување е најизедначено и најнеизвесно до сега. Ако до минатата сезона дел од екипите стигаа до Фајнал 4 без ниу еден пораз, сезонава веќе сега нема екипа со максимален учинок.

Токму македонскиот првак Вардар тоа последен го почувствува викендов во Данска. Пораз од КИФ Колдинг, единствената екипа која до сега немаше освоен бод во ЛШ. Самиот пораз не мора да значи ништо, доколку Вардар брзо се врати и на наредниот меч на домашен терен биде поуспешен од Киелце. Полскиот првак е една од најсилните екипи во Европа и директен конкурент на Вардар за освојување на првото место во групата. Победа во овој дуел е битна, бидејќи со овој меч, Вардар влегува во тешка серија на мечеви со најсилните екипи во групата. Четири натпревари со Киелце и Барселона, на кои сосем извесно ќе дојде до разрешница, кој ќе ја освои групата Б во ЛШ.

Поразот од Колдинг во ЛШ и од Загреб во СЕХА лигата, покажа некои слабости во играта на Вардар кои беа присутни и на првите 4 дуели, но беа во втор план заради победите на Вардар.

Прво, изреката добар голман е половина екипа, како да е кажана за Вардар. Без Арпад Штебик, македонскиот првак не е истиот тим. Со својата појава, реноме, и пред се феноменални одбрани, Штербик во првите кола целосно ги „откажуваше“ противничките играчи и е најзаслужен за триумфите на Вардар. Ова особено беше видливо на мечот во Данска, кога Милиќ речиси и да не фати ниту една топка, иако бранеше поголемиот дел од мечот. Слично бранеше и Ангелов.

Второ, играта во напад. Вардар дава голови, но тоа до сега го базира премногу на индивидуалните квалитети. Вардар располага со феноменални бекови шутери (Македа, Горбок, Душебаев) кои можат да постигнат гол од секоја позиција, луциден и креативен плеј (Карачиќ), брзи крила (Дибиров, Шишкарев, Брумен). Но, дали заради новите играчи, или ради тоа што е почеток на сезона, тимската игра има уште многу простор за напредок. Исклучок е врската бек-пивот, која функционра извонредно, пред се заради феноменалниот Тоскиќ.

Трето, засилувања. Со исклучок на Македа, останатите засилувања, допрва треба да ги видиме во право светло. Шпанецот е одличен, и сигурно е најголемото засилување за Вардар сезонава. Од останатите, Деревен се повреди, и тоа е голем пех, Циндриќ до сега не е ни сенка на Лука Циндриќ од Металург. Се чини дека сеуште не се има прилагодено на системот на игра во Вардар. И на крај Манасков. Раул Гонзалес во одредени мечеви до сега, ги ротираше сите играчи, освен Манасков. Дибиров е навистина фантастичен, но која е потребата тој да игра 60 минути (дури и кога не му оди), кога на клупата седи извонреден играч, кој во секое време може да го замени. Дополнително, Раул како да ја нема научено лекцијата од минатите сезони, кога, како одминуваше сезоната Дибиров паѓаше во формата. Тогаш, кога Манасков ќе мора да помогне, може да биде предоцна.

Како и да е, Вардар и понатаму останува еден од главните фавории во групата за првото место. Но по одличните први 4 кола, се наоѓа пред дуел кој може да биде вистинска пресвртница за клубот. Со триумф, Вардар ќе биде многу поблиску до едно од првите места во групата. Со пораз, Вардар ќе влезе во губитничка серија, која може лошо да влијае на целата екипа, во пресрет на двата дуела со Барцелона. Да се надеваме дека до тоа нема да дојде.