Младен Ракчевиќ (32), сегашен ракометар на Костанца, многу добро познат на македонската јавност и љубителите на ракометот. Деновиве дојде во своето омилено Скопје, па ние успеавме да украдеме дел од неговото и онака малку слободно време, а тој како и секогаш беше расположен за разговор.
Која е целта на твојата посета? Ти недостасуваше ли Скопје?
Да, јас многу пати сум кажал, многу го сакам Скопје. Ме потсеќа на Цетиње, мојот роден крај, а и многу убави моменти и спомени ме врзуваат за овој град. Поминав седум години од мојата кариера во Скопје, од кои најубавите три во Металург. Пред се во Скопје дојдов поради терапии бидејќи неодамна имав повреда на коленото. Уживам секогаш кога сум тука и гледам максимално да го искористам секој момент, да се видам со пријателите.
Кажи ни нешто повеќе за повредата, како се случи и кога би требало да очекуваме повторно да те видиме на паркетот?
Повредата се случи на дерби натпреварот против Баја Маре, кога еден од играчите Тома, падна врз мојата нога. Почувствував голема болка, но поради важноста на натпреварот продолжив да играм. И се исплатеше, победивме. Сепак по направените анализи беше утврдено дека се скинати колатералните лигаменти на десното колено, кое веќе еднаш го имам оперирано. Ми беше одредена пауза од 6-8 недели и се надевам дека се ќе биде во ред, па брзо ќе се вратам на теренот. Знаете, повредата е најлошото нешто што може да му се случи на еден спортист.
Те нарекуваат срцето на Црногорската репрезентација, веќе година дена си капитен. Како се одвиваат работите таму?
За мене играњето во репрезентација претставува чест и таму сум уште од почетокот на својата кариера што практично имам најмногу изиграни натпревари. За жал не успеавме да се пласираме на Светското првенство во Катар следната година, но следуваат квалификациите за Европското па се надеваме на успех. По повредата никој од ракоментиот сојуз, ниту селекторот не ми се јави да ме праша како сум и дали ќе можам да играм на квалификациите за Европско првенство кои следат и поради тоа сум многу разочаран.
Да те навратиме во детството, кога почна прв пат да се занимаваш со спорт и дали ракометот беше твоја прва љубов?
На своја 10 годинашна возраст почнав да тренирам атлетика, и кратко време потоа фудбал. Бидејќи доаѓам од Цетиње, град со многу голема ракометна историја, град од кој доаѓаат многу ракометни ѕвезди, по некој склоп на околностите почнав да тренирам ракомет и од тогаш ракометот е моја единствена љубов. Веќе на свои 17 години заиграв во првиот тим на Ловќен, време кога клубот остваруваше врвни резултати. За тоа благодарен сум му на мојот тренер Перо Милошевиќ кој веруваше во мене.
Оваа и следната сезона ќе те гледаме во дресот на Костанца. Како се снајде таму? Имавте финансиски проблеми, добивте пари од општината, како е сега ситуацијата и кои се твоите очекувања за оваа сезона?
Да, потпишав двегодишен договор. Во клубот бев одлично прифатен од соиграчите, а и градот многу ми се допаѓа. Точно, имаше финансиски проблеми, но добивме парична помош и проблемите се решија барем на пократок период. По Нова Година би требало да застанеме на нозе. По објавувањето на состојбата во клубот многу играчи заминаа, но јас решив да останам. Со преполовен тим даваме се од себе, а приоритет оваа сезона ни е освојувањето на домашното првенство.
Како би го опишал Шундо како тренер, а како Бранко Ангеловски како соиграч?
Ѕвонко е одличен тренер од кој има многу да се научи и јас многу го почитувам. Во Романија тој ужива голема почит поради сите успеси како тренер на Констанца. Што се однесува до Бранче тој многу ми помогна да се вклопам во тимот и благодарен сум му за тоа.
Што всушност се случи со Металург, сите знаеме дека имаше потпишано договор на уште 2 години и наеднаш шок за тебе и за фановите. Никогаш не добивме објаснување од клубот зошто миленикот на публиката Ракчевиќ не е повеќе дел од тимот.
Прво сакам да кажам дека јас сум чист пред Бога и пред себе и дека без никаква грижа на совест можам да се погледнам во огледало. Сите тие приказни за да се оцрни моето име се лага. Се се случи многу бргу, од свои луѓе во клубот разбрав дека се планира чистка. Неколку месеци пред тоа потпишав нов договор, кој беше чиста формалност бидејќи управата знаеше дека имам желба да ја завршам својата кариера во Скопје. Откако таа вест стигна до мене, веднаш отпатував за Скопје со намера да видам што се случува. Ми беше кажано дека повеќе не сум пожелен во тимот и дека во план е да се формира подмладен тим. Не знам дали тоа беше поради медиумскиот притисок над клубот откако ја загубивме титулата или на некого јас лично му сметав. Тоа беше огромен шок за мене. На средина на летото јас останав без клуб, кога речиси сите трансфери беа завршени. Голема неправда ми беше сторена пред се од страна на Лино и Левче, буквално ме оставија на улица и затоа ќе дојде денот кога јас ќе им се реванширам. Но тоа не ја намали мојата љубов кон Металург и желбата еден ден повторно да заиграм во клубот во кој ги поминав најубавите години од мојата кариера.
Освен што уживаш во добро вино и дружба со пријателите дали во слободно време читаш книги? Кој ти е омилен писател и која книга би им ја препорачал на читателите на МакРакомет?
Слободно време немам многу, но секогаш се наоѓа време за добра книга. „Вероника реши да умре“ од Паоло Коељо е можеби книгата која ми има оставено најсилен впечаток.
Иако за завршување на кариерата е многу рано да се зборува, дали некогаш си размислувал каде би сакал да ја завршиш својата кариера?
Искрено не сум размислувал многу за тоа, моментално го живеам својот сон. Кога веќе би можел да бирам би сакал да изиграм една сезона во Партизан бидејќи сум голем фан. Исто така желба ми е кариерата да ја завршам во клубот во кој и ја започнав- Ловќен. Но затоа, потоа, се во свое време.
Ти благодариме за издвоеното време, искреноста и се надеваме дека еден ден повторно ќе те видиме во дресот на Металург.