Ако некој пред 6 месеци требаше да го прогнозира составот на Металург за денешната средба со Кил, сигурно немаше да погоди повеќе од двајца ракометари, кои денес навистина ќе излезат на дуел со големиот Кил.
Но тоа е реалноста. На едната страна од теренот ќе го имаме германскиот првак Кил, кој според играчкиот ростер е еден од најголемите фаворити за пласман во големото финале, додека на другата ќе го имаме новиот, млад, малтене јуниорски Металург. И во таква ситуација, тешко е да пишуваме за тоа што може да очекуваме. Резултатот е извесен уште пред да започне мечот. Но добро, Металург стави до знаење дека позади себе ги остава сите проблеми кои го пратат сезонава, и тргнува во градење на една нова екипа. Тргнува во градење на нови играчи, кои во наредните години ќе бидат носители не само на играта на Металург, туку и на играта на репрезентацијата.
Она што сакаме сите да го видиме на дуелот со Кил е борба без предавање. И на -1, и на -10, па ако дојде до тоа, и на минус 20, младите играчи на Металург не смее да се откажат. Мора да играат како да е нерешено и да ја играат својата игра. На почетокот на сезонава, сигурно не ни сонуваа дека ќе играат 60 минути против големиот Кил во натпревар од Лигата на шампионите. Но кога веќе дојде до тоа, треба да се свесни дека ова е неповторлива можност, која треба да ја искористат. Дуел со Дувњак, Кањелас, Палмарсон, Вујин и останатите е нешто што секој млад ракометар само може да го посака. Шансата да покажат дел од својот талент и квалитет е тука, а дали ќе ја искорисатат, тоа зависи од нив – од Талевски, Нелоски, браќата Маџовски, Костески, Манасков, Ѓукиќ, Пешевски и останатите.
Мечот е со почеток во 19.30, со директен пренос на Алфа ТВ.