Конечно имавме можност да го видиме Металург на официјален натпревар. Металург, со играчи кои голем дел од македонската јавност прв пат ги гледа, но со тренер со светско реноме, и со „најталентираното“ што може да го понуди македонскиот ракомет (како што нескромно милуваат да кажат од раководството на клубот). И согласно тоа, голем дел од фановите немаа претстава што може да се очекува од овој тим на Металург.

По она што можевме да го видиме на мечот со Мотор, чувствата остануваат поделени.

Несомнено е дека квалитетот на овој ростер сеуште е под знак прашалник. И не е толку страшен поразот како пораз, туку немањето идеја во напад и големите дупки во одбраната. Играта на Металург немаше никаков концепт. Можеби тоа се должи на тоа што сеуште е рано, и на сите овие играчи им треба време за да се воиграат и да почнат да личат на тим. Но можеби, едноставно толку е квалитетот на екипата.

Ако се обидеме да анализираме поединечно, иако е неблагодарно да се дава оцена по само еден одигран натпревар, тогаш неколку имиња веднаш се издвоија во екипата.
Прво, тука е Јанко Божовиќ, австрискиот репрезентативец. Божовиќ е можеби за класа поквалитетен од сите останати ракометари на Металург и неспорен лидер на екипата. Постигна 10 гола, а се чини и дека не трошеше непотребно топки. Втор стрелец беше вториот искусен играч на Металург, Матиќ со 5 постигнати голови, кој покрај погодоците имаше и неколку нерезонски шутеви, и тоа малку го засенува неговиот придонес во екипата. Покрај нив, треба да се спомнат уште крилата Маџовски и Костески, кои и покрај тоа што постигнаа по 2 гола, беа сконцентрирани и агилни и во напад и во одбрана и се навистина светла иднина на Металург и македонскиот ракомет. Последен кој вреди да се потенцира е средниот бек Горан Крстевски. Крстевски одигра навистина малку, но се чини дека има голем потенцијал во овој македонски ракометар и тој мора да добие многу поголема минутажа, особено во конкуренција на сосем просечниот Мраковчиќ.

Наспорти нив, еден куп ракометари целосно потфрлија. Талевски (0/5), Мраковчиќ (1/8), пивотите Пешевски и Петров, кои ниту се градат, ниту се доволно борбени и агресивни на линијата. И на крај, останаа голманите. Со Дупјацанец и Вуковиќ, Металург не може да очекува сигурност на голот. Сепак, мора да се спомене дека Вуковиќ беше значително подобар, но не доволно за успех на Металург.

Червар и целиот стручен штаб имаат и тоа како што да работат во наредниот период. Екипата мора напорно да тренира и дополнително да ја крене формата. Покрај тоа, се чини дека, доколку Металург сака да биде барем малку поконкурентен на меѓународна сцена, треба да донесе уште барем 3 засилувања – голман, пивотмен и бек.

Во секој случај, Металург има шанса за поправен веќе наредниов викенд, кога го пречекува швајцарски Кадетен Шафхаузен, во меч од второто коло од ЛШ, во салата Борис Трајковски.