Македонската женска репрезентација утре го игра вториот натпревар од рамките на квалификациите за Европското првенство 2016 во Шведска, против репрезентацијата на Хрватска.
Откако на првиот натпревар против Црна Гора, каде нашите ракометарки не се посрамотија и одиграа на едно задоволително ниво, особено во одбраната, сега ќе имаат втора шанса против ракометарките на Хрватска да поправат некои недостаци кои беа забележани на тој натпревар и достојно да им парираат на фаворизираната Хрватска.
Голманот на нашата репрезентација, Наташа Антиќ за нашиот портал изјави дека повторно ќе влезат мотивирани и желни за докажување, со што би го покажале својот несомнен квалитет и извојат позитивен резултат.
„Бевме доста мотивирани и желни за докажување, со што произлезе таа борбеност во одбраната. Но немањето доволно искуство направи да имаме доста технички грешки, па затоа нападот изгледаше без идеја. За утрешниот натпревар против репрезентацијата на Хрватска можеме само да ветиме повторно јака борба, со што успешно би парирале на фаворизираната репрезентација“ – изјави Антиќ.
Репрезентацијата на Хрватска во средата на домашен терен убедливо ја совлада репрезентацијата на Словенија со 27:19.
Натпреварот Македонија – Хрватска ќе се одигра утре(сабота) со почеток од 20:15 часот, во СРЦ „Кале“.
*Влезот ќе биде слободен, па ве покануваме да дојдете и да им дадеме поддршка на нашите млади ракометарки!
Фото: Мартин Димовски ( @Lacialec )